Три денови откако претседателот Џо Бајден им порача на Американците дека целосно вакцинираните можат да ги прослават божиќните празници, милиони ги преплавија аеродромските терминали и автопатиштата.
„Навистина ми е важно да го посетам моето семејство за празниците. Знаете, јас живеам во друга држава и не ги гледам почесто од два до три пати годишно“ – изјави Миранда Мангал.
Втора година по ред пандемијата на оние кои патуваат за да ги прослават празниците со своите блиски им поставува тежок избор, да се откажат од своите планови, или да најдат начин како најбезбедно да стигнат до своите сакани.
„Божиќните планови се некако минимални. Ќе ги поминам само со родителите и можеби со неколку блиски пријатели, значи ништо претерано. Но, возењето до Пенсилванија, или до Питсбург, трае околу 8 часа. Значи малку долго возење, но вреди за да се посети семејството“ – вели Закари Керн.
Но ширењето на омикрон варијантата ги врати сеќавањата на Американците на минатата зима, кога во сила имаше строги рестрикции и карантини во одредени сојузни држави. Изминативе денови на федерално ниво бројот на нови случаи на дневна основа се движи околу 140.000, но релативно високата стапка на вакцинација од 61 процент им влева доверба на граѓаните дека може безбедно да патуваат за време на традиционалниот божиќен „шпиц“.
„Се чувствувам безбедно, мислам, претпазлива сум и немам некои потешкотии. Мислам дека во Њујорк е далеку подобро од другите градови“ – изјави Александра Леон – жителка на Мајами во посета на Њујорк
Минатата недела американскиот Центар за контрола на заразни болести соопшти дека омикрон стана доминантна варијанта во САД. Некои сојузни држави одлучија да ги зајакнат рестриктивните мерки, но за разлика од нив, преку океанот, во Европа на омикрон бранот се гледа далеку посериозно. Ограничувања на групирањата, работното време на рестораните и баровите, како и откажување на прослави и одржување на спортските настани без публика, стапуваат, или веќе стапија на сила во голем дел од земјите од Стариот континент.
Игор Трајков
