Вести Код Македонија Топ вести

КОД: Пратеник од Благоевград и бугарски бизнисмен од САД без енергетско искуство – избрани да прават стратешки соларни електрани во Македонија

КОД: Бугарски политичари, од иста канцеларија во Скопје ќе бидат стратешки енергетски инвеститори со соларни електрани во Македонија

Од понеделникот 6-ти декември, фирмата РИНУАБЛ ПАУЕР ИНТЕРНАТИОНАЛ, ДООЕЛ Скопје поседува лиценца за трговија со електрична енергија. Лиценцата од Регулаторната комисија за енергетика е доделена во пандемиски услови односно без подготвителна седница.

Еден ден откако доби лиценца за трговија, компанијата Ринуабл доби уште еден македонски документ во своето временски кратко бизнис портфолио. Владата донесе одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект на фирмата Ринуабл за да гради соларна централа со капацитет од 85 мегавати и објави дека оваа фирма ќе вложи 63 милиони евра во проектот.

На истата седница, одлука за стратешки инвестициски проект во своето портфолио впиша и уште една фирма „ХЕК СОЛАР МК ДООЕЛ Скопје”. Хек Солар треба да вложи 53 милиони евра во фотонапонска електрана со јачина од 70 мегавати.

Владата ги изгласа одлуките, а двете различни фирми имаат многу заеднички работи. Сопственици им се бугарски политичари, а седиштето на двете различни фирми им е на исто место. Во Кисела Вода на улица Кире Крстевски број 33-1.

Кога КОД беше на адресата каде се заведени двајца странски стратешки инвеститори, не дочекаа спуштени ролетни и завеси на местото на канцеларијата и никој не отвори.

Павел Валнев- дебитант во енергетика во Македонија

Павел Валнев е сопственик и управител на фирмата РИНУАБЛ ПАУЕР ИНТЕРНАТИОНАЛ, ДООЕЛ Скопје. Валнев е американски бугарин или бугарски американец. Семејната фирма во Илиноис АмериФрајт работи веќе 15 години и се занимава со логистика и транспорт за што работи со повеќе од 500 камиони и тешки моторни возила. На крајот на 2020-тата влегува во бугарската политика како потпретседател на партијата Републиканци, формирана од Цветан Цветанов, некогашниот сојузник на Бојко Борисов кого го обвинуваше за корупција. Валнев точно пред една година заедно со лидерот на Републиканците Цветанов напиша колумна во Дипломатик куриер во која остро ја критикуваат одлуката на владата на Борисов да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ наместо Бугарија да покаже лидерство на Балканот.

На почетокот на својата бугарска политичка кариера Валнев донираше милион долари за партијата која на изборите во март освојува 40-тина илјади гласови или едвај нешто над 1 процент. Во јуни оваа година си поднесува оставка од местото потпретседател во партијата Републиканци, но во промотивниот политички спот на неговиот фејсбук профил тој тврди дека има инвестиции во енергетика во Македонија и дека досега тука инвестирал 100 милиони.

Некој кој што би инвестирал во Македонија 100 милиони евра би бил познат или би го имало во централниот регистар. Но, бизнисменот Валнев го има само во енергетската фирма од Кисела Вода и во кочански Хипотерм, што всушност е фирма за производство на марихуана, каде тој е влезен во 2019-та година. Во овие две фирми нема ниту еден вработен. Преку Хипотерм има влез во исто така кочанска фирма со 9 вработени- Тетра хип- која повторно е во бизнисот со марихуана.  Во Бугарија пак бизнисменот има три компании од кои ниту една поврзана со енергија- Валнев имал телевизија која ја згаснал пред 3 години наводно поради закани и притисоци од владата на Бојко Борисов.

Има компанија за недвижности со името Америф во која е партнер со Славчо Караилиев со кој заедно ја имаат и кочанската Тетра Хип.

Третата фирма му се вика Фејмес Бјути, синџир од козметички салони во кои е партнер на Моника Валериева, учесничка во реални шоуа, пејачка, советничка за психолошка помош, хероина на бугарскиот жолт печат и осомничена за даночно затајување со заедничката погоре спомната фирма со енергетскиот инвеститор Валнев.

Во владата која донесе одлука да го избере Ринуабл односно Валнев за стратешки инвеститор нагласуваат дека станува збор за американски инвеститор.

-Ринуабл Пауер Интернатионал е компанија во сопственост на г-дин. Павел Бисеров Валиев, кој е сопственик на американската компанија AmeriFreight Systems,која се занимава со транспорт и логистика од 2006 година, во своето портфолио има искуство во нафтениот бизнис кој е дел енергетскиот сектор, а компанијата соработува со клиенти како што се Samsung, Panasonic, Vizio, Apple, Playstation и др., одговорија од владата на прашањата на КОД.

И пратеник и енергетски магнат на возраст од 38 години- Владимир Табутов

Вториот стратешки инвеститор е Бојан Табутов чија фирма се вика „ХЕК СОЛАР МК ДООЕЛ Скопје”. Иако станува збор за различни фирми со различни сопственици (Ренуабл и Хек Солар) и двете имаат седиште на иста адреса во скопска Кисела Вода.

-ХЕК Солар МК ДООЕЛ Скопје е компанија основана од ХЕК СОЛАР ЕООД Бугарија, која развива и гради фотонапонски електрани на глобално ниво, почнувајќи од 2012 година и до овој момент има реализирано проекти со инсталиран капацитет од над 2000 MW низ целиот свет, одговорија од владата.

На веб страната на бугарската ЕК стојат речиси идентични податоци како во одговорот од македонската влада. Работат веќе 9 години и досега инсталирале над 2 гигават часови соларни централи. Глобалното ниво на ХЕК солар претставува проекти во 12 држави меѓу кои најголема централа изградиле во Казахстан, а имале проекти и во Америка, Австралија и Чиле.

На страната каде е тимот има 4 лица. Бојан Табутов е раководител на операциите, а според македонските документи е сопственик на македонскиот Хек Солар. Неговиот брат Владимир Табутов е основач на компанијата. Но не е само тоа. Владимир е и нов пратеник во бугарскиот парламент од Благоевград и тоа од редовите на победничката „Промените продолжуваат“ која ја предводи новата бугарска влада.

На 3-ти декември Владимир Табутов и официјално станал пратеник во Софија, 4 дена подоцна во Скопје станува потенцијален стратешки инвеститор во енергија. И неговиот проект е во фаза на проверка пред оперативната група во министерството за економија- дали овој бугарски политичар иам искуство и банкарски гаранции за проект вреден 53 милиони евра во реонот на Пехчево кое е во соседство на неговиот Благоевград.

До владата и до неколку минситри упативме и прашања дали ги знаеле политичките биографии на инвеститорите од Бугарија и дали имаат врски со македонски политичари, но одговор не добивме.

Како се одвива процесот со стратешка инвестиција- од идеја до Собрание

Процесот за избор на стратешки инвеститори во енергетскиот сектор по донесената владина одлука, сега се сели во оперативната група под водство на министерството за економија, а со членови од ЕЛЕМ, МЕПСО, и од министерствата за транспорт и врски, за земјоделие и за животна средина. Ќе се испитува предложениот оперативен план за секоја поединечно за да се провери дали струјата може да влезе во системот без проблеми, дали земјиштето може да се пренамени за таа бизнис цел, дали ќе има влијание врз природата. Најбитното – финансиите се проверуваат, мора да се обезбедат банкарски гаранции во висина 3 % од планираното вложување, што за например локацијата Долни Балван е околу 1,9 милиони евра. После тоа следува претворање на секоја стратешка инвестиција во закон и конечната одлука е на пратениците.

-Предлог законот се изработува врз основа на Предлог – договор за реализација на стратешкиот инвестиционен проект. Пред да се усвои Предлог Договорот за стратешка реализација, на истиот потребно е да се обезбеди позитивно мислење од Државното правобранителство на Република Северна Македонија. По обезбедувањето на сите потребни документи, Предлог Законот се усвојува од Владата и се доставува до Собранието. Самиот чин на усвојувањето на Законот е транспарентен и сите граѓани ќе бидат запознаени со одредбите од Договорот. Начинот на контрола на финанските средства ќе биде дефиниран во самиот Договор, одговорија од владата.

За КОД ги соопштија и сите досега избрани стратешки инвеститори во областа на енергетиката односно за соларни централи и ветерни паркови.

  1. -EFT (Обединето Кралство) е еден од најголемите трговци со електрична енергија во регионот на Југоисточна Европа и пошироко и во своето портфолио оперира со енергетски објекти, како што се термоелектрани, хидроелектрани и фотонапонски електрани.
  2. -AKUO Energy е водечка француска компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој досега инвестирал над 1.5 милијарди евра во проекти низ целиот свет, во најголемиот случај станува збор за фотонапонски електрани.
  3. -WPD е водечка германска компанија за производство на електрична енергија пред се од ветерни електрани, која до овој момент има реализирано над 480 проекти со инсталиран капацитет од над 5000 MW.
  4. -ХЕК Солар МК ДООЕЛ Скопје е компанија основана од ХЕК СОЛАР ЕООД Бугарија, која развива и гради фотонапонски електрани на глобално ниво, почнувајќи од 2012 година и до овој момент има реализирано проекти со инсталиран капацитет од над 2000 MW низ целиот свет.
  5. -Ринуабл Пауер Интернатионал е компанија во сопственост на г-дин. Павел Бисеров Валиев, кој е сопственик на американската компанија AmeriFreight Systems,која се занимава со транспорт и логистика од 2006 година, во своето портфолио има искуство во нафтениот бизнис кој е дел енергетскиот сектор, а компанијата соработува со клиенти како што се Samsung, Panasonic, Vizio, Apple, Playstation и др.

Државата од електрани од нови обновливи извори, пред се сонце и ветер очекува многу- да почне да се произведува струја од околу 2000 гигават часови годишно кои како што ни пишаа според сегашните цени на струјата вредат околу половина милијарда евра. Тоа е планираната иднина, а владата ветува задолжително јавни консултации и презентации пред локалното население во чија близина ќе се градат соларните централи.

Миомир Серафиновиќ

Содржината на овој новинарски текст беше објавена во емисијата КОД на ТВ Телма во недела на 12.12.2021. Емисијата КОД се емитува секоја недела во 19:15 на Телма, репризата е во сабота во 16:15.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тодоров: СДСМ покажаа епохална неспособност за нормално функционирање на државата

Дејан Дејан

ОДИХР со позитивна оценка за изборниот процес сепак имаат забелешки за негативната кампања

Дејан Дејан

ДИК: Нема да има прегласување на трите гласачки места во Куманово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе