На покана на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, папата Франциск од денеска е во тридневна посета на Грција, а освен средбите што ќе ги има во Атина, ќе го посети и прифатниот центар за бегалци и мигранти на островот Лезбос.
За време на посетата, грчката престолнина ќе биде под драконски безбедносни мерки, со ангажирани 3.500 полицајци и забрана за одржување на секаков вид протести и собири.
Папата, утрово на атинскиот аеродром ќе пристигне од Кипар, а ќе биде пречекан од шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, по што ќе се упати во претседателската палата.
Во текот на денешниот ден ќе се сретне со претседателката, со премиерот, со поглаварот на ГПЦ, додека пак утре наутро заминува за Лезбос, каде што ќе остане неколку часа и ќе ги посети бегалците сместени во прифатниот центар во Митилини.
Сè уште нема информации дали, исто како и за време на неговото патување на островот во 2016 година, ќе земе во Ватикан бегалци, баратели на азил.
Папата Франциск за време на престојот во Атина ќе разговара со млади, а утре ќе одржи света миса во концертната сала.
Мисата ќе биде под строги здравствени протоколи со 50 отсто исполнетост на капацитетот на салата, а се очекува да присуствуваат 900 верници и само со специјални покани.
За посетата на Грција беше изработено и специјално лого што ја претставува црквата како брод што минува низ немирните води на светот, со крстот како јарбол, а едрата водени од ветрот на Светиот Дух. Обликот на едрата се однесува на алегоричен приказ на папата, кој доаѓа како пријател на Грција, додека боите на логото, жолта и сина, ги симболизираат знамињата на Ватикан и на Грција.
Во видео пораката, во пресрет на патувањето на Кипар и во Грција, поглаварот на Римокатоличката црква, се осврна на Медитеранот, но и на неговата посета на Лезбос.
Моите мисли се и со оние кои во последниве години, па и денес, бегаат од војната и сиромаштијата, пристигнувајќи на бреговите на континентот или на друго место, и не наоѓаат гостопримство, туку непријателство, дури и експлоатација. Тие се наши браќа и сестри. Колкумина ги загубија животите во морето! Денес нашето море, Медитеранот, е голема гробница. Како аџија на непресушните извори на човештвото, повторно ќе одам на Лезбос, верувајќи дека корените на заедничкиот живот повторно ќе процветаат само во братството и интеграцијата: заедно. Не постои друг начин и со оваа надеж доаѓам кај вас, порача Папата.
Ова е 35-то патување, на папата Франциск во странство од неговиот избор во 2013 година, а последен пат, во Грција беше во април 2016 година, кога го посети островот Лезбос.
Сегашната посета на Грција е 20 години по првата посета на земјата на поглавар на римокатоличката црква и се поклопува со 41-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Грција и Ватикан.
