Русија планира офанзива против Украина на најмалку 4 фронта на почетокот на следната година со 175 илјади војници, стои во американски разузнавачки документ до кој дојде „Вашингтон пост“.
Русија разместува трупи кон границата со Украина додека бара гаранции од САД дека Украина нема да му се приклучи на НАТО и дека алијансата ќе се воздржи од одредени воени активности во околу Украина. Кризата предизвика стравови од нова војна во Европа и доаѓа во пресрет на планираниот виртуелен состанок на претседателите Џо Бајден и Владимир Путин следната недела.
Бајден тврди дека ќе и направи на Русија да и биде тешко да ја нападне Украина.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников рече дека Украина нема да направи ништо што би можело да предизвика таков развој на настаните, но дека е подготвена да се одбрани доколку Русија изврши напад.
„Нашите разузнавачки служби ги анализираат сите сценарија, вклучително и најлошото. Тие посочија дека постои можност за голема ескалација од страна на Русија. Најверојатната временска рамка да биде целосно подготвена за ескалација на состојбата е крајот на јануари“, рече Резников.
Украина крена тревога бидејќи во последните недели се забележани „големи и невообичаени“ движења на руски војници на нејзината граница, а министерот за надворешни работи Дмитриј Кулеб драматично изјави дека „она што сега го гледаме долж границата не е само воено засилување, бидејќи Русија пролетва доведе армада на нашата граница и оттогаш ја нема повлечено“.
Американскиот претседател Џо Бајден кажа дека подготвува мерки кои ќе го дигнат влогот за нова инвазија на Путин, кој, пак, ги отфрли ваквите американски предупредувања и кажа дека Русија не се заканува никому.
Москва пак бара гаранција дека на границата на Русија нема да се инсталираат западни воени сили и предупредува на можен украински напад на Крим.
На истокот на Украина се уште постојат градови контролирани од проруски сили.
