Ситуацијата во северно Косово се смири, но тензиите остануваат а реакциите не стивнуваат.
По акцијата на косовските специјалци и протестите во кои беа повредени 10 демонстранти и 6 полицајци, Вучиќ пристигна во Рашка и им порача на Србите од Косово, дека Белград ќе биде со нив, што и да се случи. Од таму замина за Краљево, во базата на Жандармеријата, каде ги потсети полицајците дека имаат света должност да го заштитуваат српскиот народ и изрази уверување дека, ако дојде до тоа, а Белград ќе се труди да го избегне таквиот развој на настаните, тие ќе ја извршат таа „света должност“ на најчесен можен начин.
Мојот одговор ќе биде кристално јасен, а тоа е дека во таа борба, во која мораме да го заштитиме животот на нашите деца во Косово и Метохија, да го заштитиме нивниот опстанок, не само што ќе ги заштитиме, туку ви кажувам денеска, за прв пат со сигурност, дека во таа борба и ќе победиме, изјави Вучиќ.
Претходно претседателот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, косовскиот премиер Албин Курти го нарече психопат, кој сака да испровоцира криза од поголем размер.
Ги повикуваме и КФОР и меѓународната заедница, и не се шегуваме кога ова го велиме, да реагираат и да го запрат лудилото на Албин Курти. Бидејќи ако КФОР не е способен да реагира и да го заштити Српскиот народ, има кој го може тоа, порача Петковиќ.
Во акцијата на специјалците, за која Приштина тврди дека биле спроведена за спречување на шверц на стоки во Косово, биле уапсени три лица. Курти изјави дека на нејзи ѝ претходела интензивна истрага и била извршена по наредба од обвинителството.
Оваа операција не беше против некоја националност, оваа операција беше против криминалците кои шверцуваат илегални стоки на косовска територија. Морам да ве информирам дека обвинителот во овој случај е од српска националност, исто како и судијата. Најголемиот дел од силите за брзо распоредување од Косовска Митровица се Срби. Најголем дел од уапсените и тие против кои има налог за апсење се косовски Албанци. Затоа не можеме да кажеме дека овде државата некого репресира, рече косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечла.
Најновите инциденти на Косово ги осуди високиот претставник на Европската унија за надворешни работи, Жoзеп Борел, барајќи нивен итен прекин. “Едностраните и некоординирани дејствија што ја загрозуваат стабилноста се неприфатливи, напишаа Борел на својот твитер профил и порача дека сите отворени прашања мора да се решат преку дијалог со посредство на ЕУ.
Денешните судири следуваат по неколку неделните протести на косовските Срби против одлуката на Приштина за забрана на српските регистарски таблички.
Игор Трајков
