Долго трае пандемијата со корона вирусот, и освен што ја покажа поделеноста во светот, остава последици и на менталното здравје. Стравот од болеста, трескавичното миење раце, неможноста да се донесе одлука да се прими вакцината, и константното зборување за ковидот, како социјалната изолација го уништува квалитетот на животот. Луѓето имаат анксиозни пореметувања кои преминуваат и во панични напади. Во светот, во моментов, сите ментални пореметувања и депресии се зголемени за 30%. Но, според здравствените работници, депресијата помалку се јавува кај луѓето кои живеат во семејно опкружување и нема големо отуѓување.
Некои луѓе се повеќе подложни на лошо ментално здравје од други, а тоа се луѓе кои живеат во сиромаштија, луѓе со големи предизвици во нивните животи, оние кои се дискриминирани, или кои имаат голем товар и одговорности, како самохраните родители или луѓе кои се грижат за некој со здравствен проблем, вели КЕТРИН СЕЈМУР, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФОНДАЦИЈА ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ
Оние кои ги загубија работните места за време на пандемијата исто така беа на удар. Според последната студија објавена во медицинското списание Ланцет, минатата година бројот на луѓе со депресија се зголемил за 53 милиони, а со анксиозно пореметување за 76 милиони нови случаи. Жените, за разлика од мажите повеќе страдаат.
На почетокот имав фаза на одрекување. Не ми треба терапија, добра сум, се снаоѓам, знаете децата ми се нахранети, куќата е во ред. Зошто ми треба?, вели ТАША ВЕСИ, САМОХРАН РОДИТЕЛ од Лондон.
Сепак, карантините и затворањето на училиштата, најмногу ги погоди децата и адолесцентите. Неможноста да се дружат меѓусебе, стравот од болеста, но да се видат со бабите и дедовците, ја зголеми нивната вознемиреност, која ако не се препознае може да премине во суицидна депресија, велат докторите. УНИЦЕФ апелира секоја држава преку разни работилници да инвестира во менталното здравје на децата. Според проценката на организацијата, пред пандемијата стапката на одземање на животот кај адолесцентите била неверојатно висока. Предупредуваат дека сега под овие услови истата може двојно да се зголеми.
Проблемот е голем. 47 илјади адолесценти се самоубиваат секоја година, а тоа е неверојатна бројка. И повикот за акција да се инвестира во менталното здравје, да се даде приоритет, е затоа што инвестицијата во менталното здравје може да спаси поединци и за нашите деца, апелира ЗЕЈНАБ ХAЏАЗИ, УНИЦЕФ
Кога сте напнати повеќе од една година, автоматски може да паднете во депресија и несоница, предупредуваат психијатрите. Чувствата како недостиг волја за работа, тага, нефункционалност, ненаспаност се знаци кои не треба да се игнорираат, туку веднаш да се побара поддршка од психијатар или психолог.
Алиса Шутиноска
