По повеќе од 5 децении активно занимавање со новинарството, во Белград почина српскиот новинар Милош Васиќ.
74-годишниот Милош Васиќ, за колегите и пријателите Миша, својта новинарска кариера ја почнува во 1969-тата година.
Во осумдесетите пишува и работи во НИН, соработува со култниот Старт, а додека југословенското општество се подготвуваше да го испрати комунизмот и еднопартискиот систем во историја., Васиќ со неколку колеги почна да го подготвува неделникот Време, чувствувајќи дека посткомунистичките лидери особено во Србија наместо кон демократијата ќе тргнат во спротивна насока.
Неделникот Време почнува да излегува во 1990-тата година, а Васиќ ќе се профилира како новинар кој храбро ги истражува темите поврзани со режимот на Слободан Милошевиќ.
Во Време поминува три децении, а известува и истражува за сите поголеми настани во Србија и регионот, за големите демонстрации против Милошевиќ на 9-ти март, за Косово, за тиранијата и падот на Милошевиќ, за атентатот врз српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ.
Неговите текстови по атентатот врз Ѓинѓиќ и за текот на операцијата „Сабја“, покрената после атентатот, во неговиот „Време“ ги опишаа како „поставување на стандардите за она што сега во Србија го сметаат за истражувачко новинарство“. Особено беше посветен на истражувањето на озлогласената српска специјална единица Црвени беретки и нејзиниот командант Милорад Улемек Легија кој стоеше зад атентатот.
Ја издаде книгата „Атентат врз Зоран“ и освои многу награди за неа. Своите колумни ги издаде во збирката „Мојот машки живот“. Автор е на повеќе книги за оружје, а го напиша и романот „Птицата на паниката“.
Имаше 5 деца, а почина на 25-ти септември 2021-ва по долга и тешка болест. Големиот борец за демократски промени во Србија и на Балканот замина.
