Македонија Најважни Топ вести

Македонски полицајци фатени во Албанија со дрога запленета пред 5 години

Двајца полициски службеници од Секторот за компјутерски криминал вчера биле фатени со дрога во Албанија, при влез во Црна Гора. Од МВР го потврдија случајот, но тврдат дека станува збор за претходно запленета марихуана која останала во возилото, скриена во бункер под седиштата. Од министерството додаваат дека двајцата службеници веќе се вратени во Скопје.

Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје, а за целиот случај го известивме и нашето јавно обвинителство за натамошно постапување и расчистување на случајот, соопштија од МВР.

Според објаснувањето на МВР двајцата вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика за патувањето во Црна Гора задолжиле службено возило „Chraysler Voyager“ од автопаркот на министерството. Возилото било предадено во нивно владение од страна на Агенцијата за управување со одземен имот, откако претходно Царинската управа во 2016 година го запленила во акција за сузбивање на трговија со дрога.

Како што соопшти царината во 2016 година, на 2 декември околу 20 часот на влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце, пристигнало патничко моторно возило марка „Chraysler Voyager“ со шведски регистарски ознаки, управувано од лицето А.Т. државјанин на Кралството Шведска.

На прашање  на царинските  инспектори „дали има нешто да пријави за царинска контрола“, осомничениот одговорил дека нема ништо за пријавување. Царинските инспектори се посомневале во одговорот и пред да пристапат кон детална  контрола на возилото, го искористиле царинското куче кое детектирало присуство на наркотична дрога во возилото.

При  прегледот на возилото, во специјално конструиран простор наменет за пренесување на дрога, затворен со метален поклопец, биле пронајдени вкупно 61 пакување наполнети со наркотична дрога марихуана со  тежина од околу 32,5 килограми. Помеѓу опаковките било истурено кафе и ориз, додека бункерот бил премачкан со непозната течност, со намера да се прикрие миризбата на марихуаната.

Осомничениот за паричен надомест од 10.000 евра, со лица од Албанија се договорил да пренесе поголема количина на наркотична дрога од Тирана-Албанија за Малме – Шведска.Вредноста на запленетата марихуана на западно европскиот нарко – пазарот би достигнала цена од околу 100.000 евра.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Шекспир и Сервантес во фокусот на Денот на книгата во Скопје – предавања на евроамбасадорот Гир и шпанскиот амбасадор Гарсија на Филолошки

Дејан Дејан

Врховен во четврток со втора јавна седница по жалбата на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања

Дејан Дејан

ДИК: Мирен изборен ден, гласаа 94 отсто од болните и изнемоштени лица, до 17 часот и над 50 отсто од пријавените во дијаспората

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе