Осумдневен притвор им е одреден на петемина приведени лица поради инцидентите на протестот, кој се одржа вчера во Тетово. Тие заработија кривични пријави под сомнение за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие, а тројца од нив и за напад на службено лице во вршење работи на безбедноста. Протестот стана предмет и на политички препукувања.
Судија во предходна постапка на Основниот суд Тетово им определил 8-дневен притвор на петте лица кои беа лишени од слобода по инцидентите на вчерашниот протест за жртвите во пожарот во модуларната болница, во кој дел од демонстрантите се судрија со полициските службеници во обид да стигнат до седиштето на ДУИ во Мала Речица. Тие ќе бидат пренесени во КПУ Затвор Скопје.
СВР Тетово предходно поднесе кривични пријави против 31-годишник од кичевско Туин, 52-годишник од Мала Речица, 33-годишник од тетовско Вешала и двајца тетовци на возраст од 33 и 30 години.
Протестот на кој се бараше оставки, правда и одговорност за жртвите во пожарот во тетовската модуларна болница, стана предмет на политички препукувања. Од Демократската унија за интеграција велат дека претставници на опозоцијата се вмешани во неговата организација.
Од Алијанса за Албанците, пак, се оградија од организацијата на протестот, туку, како што велат присуството на нивни членови и симпатизери бил чин на граѓанска свест и одговорност, како и на останатите граѓани на Тетово.
Данијела Билбилоска
