Вкупно 5-мина се приведени по вчерашните протести во Тетови на кои се бараше одговорност за 14-те изгорени жртви во модуларната болница во тој град.
Меѓу приведените е и организаторот на протестите Блерим Ахмеди, а ТВ21 објави снимка на која се гледа како уапсениот е однесен во тетовскат аполициска станица. Адвокатот на приведениот Ахмеди за телевизијата изјавил дека неговиот клиент се товари за кривично дело за кое е придвидена казна затвор од една до три години.
Од тетовската полиција потврдија дека 5-мината уапсени (тројца вчера и двајца утрово) се во полициската станица од каде во текот на денот ќе бидат предадени на надлежен обвинител.
Приведените се товарат за учество во толпа, а некои од нив и за напад врз службено лице. Истрагата продолжува.

Од полицијата не соопштуваат дали меѓу уапсените е и средовечен маж кој се гледа на снимките на порталот „Без цензура“ како со бекатон плочка се заканува да удри во глава еден од полицајците. Демонстрантот со бекатонот на двапати замавнува кон полицаецот, а претходно на снимките се гледа како се степа со полицаецот на влез во приватен двор во Мала Речица.
Полицаецот беше цел на едно малолетно момче кое го гаѓа со камен додека униформираниот е во клинч со демонстрантот кој подоцна му се заканува со бекатонот.
Вкупно 4-ца полицајци се повредени, а сите имале полесни повреди.
Инцидентите се случија кога демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ во Мала Речица, но беа блокирани од полицијата. Претходно се протестираше и пред општина Тетово која беше „нападната“ со јајца.
ДУИ ги обвини албанските опозициони партии дека стојат зад насилството на протестите, но од Алијанса негираа и им одговорија дека од партијата на Ахмети не треба да лажат за протестите на кои се бара одговорност за големата трагедија.
Истрагата за пожарот се уште трае, засега нема јавно споделени информации за причината за трагедијата во модуларната болница. Германските истражители кои помагаа во расветлувањето на пожарот, по извршен увид на место на настанот и на истражната документација вчера попладне заминаа од Македонија.
Филипче: Не бегам од одговорност, но здравствениот систем е комплексен и мора да се менаџира
