Западен Балкан веќе не е буре барут, не е темпирана бомба туку Балкан на 21 век. Нашето место е во Европската Унија и тоа е заслужено – порача премиерот Заев после денешната прва заедничка седница меѓу Владите на Македонија и Косово. Двајцата премиери Заев и Курти се согласија дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Но, имаат спротивен став за иницијативата Отворен Балкан. Македонија влезе, но косовскиот премиер Албин Курти е категорично против Косово да се приклучи на земјите од балканскиот Мини Шенген.
Премиерот Заев пак рече дека Косово како суверена и независна држава ги гради своите ставови, а ние ги почитуваме. За Отворен Балкан како премиери имаме различен став, но тоа не ни е пречка одлично да соработуваме, порача тој.
Двајцата премиери ставија потпис на вкупно 11 договори и меморандуми за соработка. Во преден план е економијата и инфраструктурното поврзување на двете земји.
Во пакетот потпишани договори се најдоа договорот за спојување на двата автопати во Граничниот премин Блаце, во рамки на изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце, договорот за студија за патот Призрен-Тетово, договорот за воспоставување заеднички гранични премини, како и договорот за заеднички скијачки проект, што ќе ја поврзува Брезовица и Попова Шапка, изјави Заев.
Договорите предвидуваат соработка во областа на дијаспората, железничкиот сообраќај, енергетиката, туризмот, иновациите и технолошкиот развој. Курти е убеден дека сите проекти успешно ќе се реализираат до крајот на нивните мандати.
Александра Филиповска
