Сите фондови, јавни претпријатија и правни лица што располагаат со државен капитал, во рок од два дена по ревидирањето на Роковникот на ДИК, треба да ја известат Антикорупциската комисија колку моторни возила имаат и во каква состојба се. ДКСК ќе објави листа со нивните регистерски таблички, за да може секој да изврши увид дали некое од тие возила се користи во изборни цели.
Оваа препорака на ОБСЕ ОДИХР станува дел од Изборниот законик. За нејзино непочитување ќе се поведе прекршочна постапка. Претставува дел од процесот за зголемување на отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси за време на изборниот процес. Законот заедно го предлагаат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, Алијанса-Алтернатива и Левица.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека е демократски недозволиво препораките на ОДИХР да не се внесат во Изборниот законик.
ОБСЕ ОДИХР испраќа 25 долгорочни и 250 краткорочни набљудувачи. Вообичаено, ваков мониторинг не се прави за локални избори, освен ако нема политичка одлука. Ваков масивен број набљудувачи, Изборен законик со вклучени препораки и имплементиран фингерпринт води кон веродостојни избори што никој нема да ги оспорува, велат од опозицијата.
Законот го уредува и начинот на гласање со отисок од прст, со истечени документи како и петгодишниот мандат на ДИК. Доаѓа по повеќемесечната блокада на предлогот со два изборни прага. Овој закон, прифатлив за сите, се носи само еден месец пред избори, иако токму ОБСЕ препорачува изборно законодавство да не се менува барем шест месеци пред денот на изборите.
Соња Николовска
