Вести Македонија Најважни

Германските форензичари стигнаа во земјава

Германските форензичари пристигнаа во земјава, една недела откако во страотен пожар за неколку минути изгоре модуларната ковид-болница во Тетово одземајќи 14 животи. Тие денеска слетаа на скопскиот аеродром откако нивната претходница уште во саботата го скенираше теренот. Двајца експерти за истраги на пожари и двајца форензирачи за ласерско мерење на простории и за фотографирање, според информациите на Телма, на местото на несреќата предвидено е да излезат утре, откако претходно ќе направат увид во материјалите кои досега нивните македонски колеги ги имаат собрано од изгорениот објект.

Германските експерти од Федералната криминалистичка полиција, како што претходно објави владата, доаѓаат како поддршка од НАТО-земја, како стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот. По несреќата барањето странски експерти да се вклучат во истрагата беше објаснето со давање поголема независност на истрагата, за да се отстрани секој сомнеж дека нешто се прикрива. Сепак според Законот за кривична постапка странски вештаци можат да вршат вештачење само под одредени услови и како исклучок.

Само по исклучок може да се определи за вештак лице кое има живеалиште во странство или странска стручна институција, кои според законите на матичната земја ги исполнуваат условите за вршење на вештачење, доколку во Република Македонија не постојат високообразовна установа, научна установа или стручна установа, трговец поединец – вештак или трговско друштво регистрирано за вршење вештачење, за определен вид вештачење.

И додека се чека уште еден увид во, до темел, изгорената модуларна болница во Тетово, овојпат од германските форензичари, објектот останува под полициско обезбедување 24 часа.

Германските крим-техничари во остатоците од модуларната болница ќе влезат со поддршка на МВР каде што деновиве за тоа веќе се подготвуваат алат, нацрти, планови и други информации кои можат да помогнат во истрагата што точно се случило во објектот ноќта на 8-ми септември.

И германските и македонските крим-техичари ќе работат на поддршка на Обвинителството кое ја води истрагата, а кое според информациите на Телма се уште ги прибира податоците за несреќата. Но времето институциите да ги достават извештаите до обвинителството е се пократко, со оглед дека ден по несреќата, во четвртокот, шефот на државата сподели информација дека надлежниот јавен обвинител најавил многу кратки рокови за институциите за доставување на извештаите, веројатно пет дена.

Сепак, според информациите на Телма, официјално доставен временски рок до институциите за доставување на извештаите засега нема.

Во меѓувреме, темпото на работа во тетовскиот Клинички центар се нормализираше, иако, како што за Телма, велат вработените таму несреќата се уште се чуствуваат во воздухот. Во водух остануваат да лебдат и поднесените оставки од директорот на Клиничката болница, Флорин Бесими, и неговиот заменик Артан Етеми, кои и до денеска, шести ден по нивното најавување на социјалните мрежи, се уште не се пристигнати во Министерството за здравство.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе