Македонија Најважни

Заев не смета дека целата влада треба да даде оставка заради пожарот во Тетово

Пет дена по пожарот во тетовската модуларна болница и 14 загинати, премиерот Зоран Заев застана пред медиумите и ја даде првата изјава за несреќата.

Според него, не биле пет туку четири дена негово непојавување во јавност, а како причината ги наведе трите дена жалост и да не влијае со своите изјави врз истрагата. Тој денеска рече дека не знае до каде е истрагата.

„Немам информации“, одговори Заев.

А токму резултатите од истрагата за пожарот се она што Заев го чека за да ја донесе одлуката за понудената оставка од страна на министерот за здравство, Венко Филипче, но и заменик министерот Илир Хасани, но не смета дека оставка од морални причини, поради несреќата, треба да поднесе целата влада.

„Трагедии се случуваат насекаде во светот и, како што реков во соопштението, го разбирам високиот морален чин на министерот, заменикот и на директорите, како чин кој пред сè е од човечки причини, од етички и морални аспекти и еве тие ја доставија оставка. Не мислам дека целата владата треба да си поднесе оставка поради ова“, рече Заев.

Заев не открива што точно чека да покаже истрагата врз основа на што би ја донел одлуката за оставките.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ чека. Таа до утре изутрина им даде рок на Филипче и Хасани да ги депонираат своите оставки до Собранието, во спротивно нивната пратеничка група во законодавниот дом ќе поднесе предлог-одлука за разрешување.

Откако лидерот на партијата Христијан Мицкоски за ваквата предлог-одлука се повикан Член 184 од собранискиот Деловник, на што спикерот Талат Џафери му одговори дека по тој член не може да се поднесува предлог за разрешување на  избрано и именувано лице од страна на Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ денеска за поднесувањето предлог-одлука за разрешување се повикаа на Уставот.

„Оваа предлог одлука ја засноваме на Членот 68 од Уставот на Република Македонија, а слична таква предлог одлука доставиле оние кои што денеска ја критикуваат, односно пратеничките групи на СДСМ и НСДП во 2013 година, на 25 октомври врз основа на овој член доставиле предлог одлука за разрешување, токму на оваа уставна норма“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

За одлуката на партијата разрешувањето да не го бараат преку интерпелација велат дека не сакаат да си играат со таквите можности затоа што собранискиот спикер Џафери се поставува како заштитник на министрите, а не на интересот на граѓаните.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тензии во Советот на Тетово: По четиричасовна расправа усвоен дневниот ред, ДУИ ја напушти седницата иако беше прифатена нивна иницијатива 

Дејан Дејан

Таткото на Меланија е хоспитализиран во Демир Хисар, се чека судско решение за понатамошниот третман

Igor Trajkov

Лани државата собрала скоро 80 милиони евра повеќе од данок на личен доход споредено со 2024 година

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе