Иако не била на работа, на 8-ми септември, кога се случи страотниот пожар во модуларната болница во Тетово, сепак дотрчала да помогне. Докторката Ерселе Треси со солзи во очите се сеќава на таа кобна ноќ, на пламнените јазици и на повиците за помош, на сликите кога медицинските лица заедно со граѓаните ги извлекувале пациентите преку прозорците.
Вели дека ова се тешки денови и за целиот медицински персонал, затоа што се изгубени животи, но мора да смогнат сили за да продолжат понатаму.
Во овие тешки моменти за нас, и за целиот медицински персонал од болницата сочувство до сите граѓани на Тетово, особено до семејствата на починатите. За нас во овие денови е многу тешко, нема простор за зборови, но наоѓаме сила, како и досега..Во овие моменти не можам да најдам зборови…ќе бидеме со нашите пациенти колку што има потреба, вели д-р Ерселе Треси, Клиничка болница Тетово
И за медицинската сестра Ханифе Демири, трагедијата која се случи остави неизбришливи траги. Таа само што ја завршила дневната смена на работното место во модуларната болница каде се случил пожарот, дознала за немилиот настан.
бев на смена цел ден, не бев за време на трагедијата. Не знам како се случи, за нас е многу страшно, вели медицинската сестра Ханифе Демири
Очевидците велат дека за време на пожарот во извлекувањето на пациентите помогнале и роднини кои биле таму и велат дека и тие се заслужни за спасените животи. Во јавноста имаше реакции зошто била дозволена посета во болницата, на што од Ковид центарот вчера изјавија дека ќе се утврдува кој се бил присутен таа вечер. Неофицијално дознаваме дека заостерени се правилата во одделенијата каде се лекуваат ковид пациенти, но официјална потврда од болницата денес не добивме.
Инаку во пожарот кој се случи во модуларната болница на 8-ми септември загинаа 14 пациенти.
Данијела Билбилоска
