Властите велат дека се е подготвено да почне и да се одржи пописот, како и оти не се очекуваат никакви проблеми. Најавуваат дека има решение и за оние граѓани кои не сакаат да примат невакцинирани попишувачи, и оти ним ќе им бидат испратени вакцинирани.
Премиерот Зоран Заев вчера рече дека не очекува проблеми со спроведувањето на пописот, а во одговор на новинарско прашање како ќе се решаваат ситуации со оние граѓани кои нема да примат невакцинирани попишувачи, тој најави дека ќе има рокади на попишувачите.
– Ќе се трудиме секојпат со максимална флексибилност. Разговарав со министерот за правда и во една прилика и со директорот на Заводот за статистика каде што секако кога ќе се случат вакви ситуации може да се направи рокада на попишувачите за да може флексибилно да излеземе пред се во барањата и очекувањата на граѓаните, рече премиерот.
Заев истакна дека е мал процентот на ваквите реакции, затоа што и поголем дел од попишувачите се вакцинирани, а, како што рече, и над 50 проценти граѓани над 40 години се, исто така, вакцинирани.
– И попишувачите се вакцинирани во значителен процент. Мислам дека имајќи во предвид дека пописот се спроведува 20 дена, овој пат е 25 дена имаме дополнителни можности за флексибилно постапување се со конечна цел стопроцентно да ги собереме сите податоци од нашите граѓани, истакна Заев при посетата на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.
Министерот за правда Бојан Маричиќ пак рече дека попишувачите се добро подготвени, оти имаат и добра опрема за реализирање на пописот.
Посочи дека сите здравствени мерки и за попишувачите и за населението се донесени во соработка со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
