Поднесени се 120 пријави за настаната штета од пожарите на територија на Делчево, зафаќајќи ги атарите на селата Стар Истевник, Нов Истевник, Вирче, Тработивиште и Разловци.
Мештаните пријавуваат штети на куќи, викендици, помошни објекти, високостеблеста борова и дабова шума, пасишта, овошни насади, угинати домашни животни и птици, опожарена земјоделска механизација и други земјоделски производи.
Рокот за пријавување штети истекува утре, по што Комисијата за процена на штети од понеделник излегува на терен.Според првичните проценки во делчевско изгореа над осум отсто од шумскиот фонд.
Во беровскиот регион во тек е пријавувањето на штетите до локалната комисија, а во Кочани заврши постапката и сега се чека на проценката на одредени вештаци. Во кочанскиот регион штета од пожарите пријавиле вкупно 47 граѓани.
Се очекува наредната недела да биде готов елаборатот, по што ќе почне и исплатата на штетите од буџетот или преку донации.
Пожарите, кои се активираа на 2 август, Илинден во Пијанечко-Малешевскиот регион и Кочани оставија пустош зад себе и ќе бидат запаметени како едни од најапокалиптичните во источна Македонија.
Викторија Јованова
