Момче на 21 годишна возраст е меѓу шестемина пациенти кои починаа како компликација од ковид 19 во болницата во Тетово изминатите 24 часа. Тој бил хоспитализиран во тешка здравствена состојба. Доктор Гзим Нуредини објаснува дека бил лекуван по сите медицински протоколи, во консулатација со лекари од скопската инфективна клиника, но бил резистентен на антивиралната терапија.
Во болницата се лекуваат 123 пациенти со ковид 19, а 188-те абмулантски прегледи за едно деноноќие укажуваат дека состојбата не се смирува. Нуредини вели дека голем број на заразени се и млади лица, па затоа апелира на поголема одговорност.
Од Министерство за здравство велат дека ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход. Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени, додаваат од Министерството.
Данијела Билбилоска
