Каков е ставот кон вакцините и процесот на вакцинација кај старосните групи до 50 и над 50 години покажуваат официјалните бројки на министерството за здравство каде што се гледа јасна слика во одзивот и разлика од речиси дваесет проценти во вкупниот број на вакцинирани. Еден од четворица кои примиле барем прва доза на вакцина се на возраст од 20 до 40 години. Најмалку интерес за вакцинација има кај популацијата од 20 до 29 години кои учествуваат со помалку од 10 отсто од вкупниот број на вакцинирани граѓани.
Анализите на здравствените власти покажуваат дека досега 39,9 отсто од населението до 50 години ја примило барем првата доза додека процентот кај населението над 50 години е далеку повисок и е 59,1 отсто.
Вкупната бројка на граѓани до 50 години кои ја примиле првата дозе е 263.716 што е помалку од половина од вкупната бројка која е над 670 илјади граѓани.
Гледано по старосни групи најслаб одзив за вакцинација е кај старосната група од 20 до 29 години каде што прва доза примиле 59.369 лица.
Кај старосната грпа на граѓани кои се на возраст од 30 до 39 години вакцинирани со една доза вакцина се 90.113 лица додека кај возрастната група на граѓани од 40 до 49 години оваа бројка е 127.333 лица.
Мора да се напомене дека во официјалните бројки на министерството за здравство не се внесени македонските граѓани кои се вакцинираа во Србија и Бугарија а од она што можеше да се види на терен таму се вакцинираа претежно граѓани до 50 години и тоа донекаде може да ја смени големата слика.
Гледано по градови, нависок процент на вакцинирани жители има Гевгелија каде 54,2 отсто примиле прва доза од вакцината. Потоа следува Кавадарци со 54,1 отсто и Неготино каде прво доза примиле 52,6 отсто од жителите. Во Скопје процентот е 37,1 отсто.
Убедливо најслаб одзив и интерес за вакцинација има во Гостивар – 21,8 отсто. Во Дебар одзивот е 24,3 отсто а во рангот на 26 отсто се три града Струмица, Тетово и Куманово.
Вчера првата доза на вакцина ја примиле 13.108 граѓани а уште 1.604 граѓани ја примиле втората доза. Аплицирани се 14.712 вакцини а вкупната бројка на аплицирани вакцини е 1.177.911.
Според официјалните податоци на здравствените власти, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 674.510 граѓани а 503 илјади се целосоно вакцинирани со две дози.
Додека здравствениот систем се подготвува за амортизирање на ударот од четвртиот бран, Владата вчера лансираше кампања за да ја потткине масовната вакцинација на население а фокус се токму помладите граѓани и борбата против лажните вести и дезинформации.
Огнен Чанчаревиќ
