Гласачите биле заинтересирани да се проверат во избирачкиот список, за два викенд дена вкупно 821 граѓанин биле во подрчаните единици, а само еден жител на Неготино утврдил дека го нема на списокот за гласање и сега бара да биде запишан. Проверките може да се вршат до 9-ти септември, а тие може да се вршат и преку интернет, ни рече претседателот на ДИК Александар Даштевски кој објаснува дека сите граѓани доколку забележат неправилности може да пријават и да бараат бришење на избирачи од списокот поради неточни податоци.
При интернет проверка на избирачкиот список може да се најдат секакви гласачи, а Телма вчера успеа да најде и починат. Станува збор за актерот Иван Бекјарев, кој цел живот го помина во Србија, но поради македонските корени доби државјанство, лична карта и адреса во стан во трговскиот центар во Капитол во Аеродром. Лани во неомври 75-годишниот Бекјарев почина во Србија, но во македонскиот избирачки список уште е жив. Претседателот на ДИК Даштевски ни рече дека чистење на списокот од починати се прави со користење на судски одлуки, но за луѓе во странство нема таква можност.
Во Капитол, соседи на Бекјарев му се и двајца турски државјани. Тие добија лични карти и гласачко право, но потоа беа уапсени во Мајами во САД за кршење на санкциите кон Иран. Меѓу нив е и Риза Сараф, човек со турско, иранско и македонско државјанство кој во Америка по апсењето почна да соработува со тамошното обвинителство о и да дава изјави со докази за криминал против семејството на Ердоган.
Македонски гласачи се и семејството на Субрата Рој, синот има адреса во скопско Ченто, а сопругата Свапна е заведена како избирач на адреса во Бардовци иако таа куќа одамна е издадена на сосема друго лице.
На избирачкиот список е и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, за кого унгарските медиуми веќе објавија дека го има на избирачкиот список во Будимпешта откако таму доби и азил. Најинтересен е примерот со бегалецот Горан Грујевски кој како началник на 5-тата Управа на УБК си извадил и дополнителен идентитет со име на својот колега Владимир Варелов. Оригиналниот Грујевски го нема на списокот, но неговиот втор идентитет се уште фигурира како гласач во Кисела Вода. Сите овие податоци се доставени од МВР и на списокот се наоѓа секој кој има важечка лична карта, објаснува Даштевски.
Миомир Серафиновиќ
