Владата утре ќе одлучи за предлогот на МОН, школската година да започне со физичко присуство, искажан на денешната седница на Главниот координативен кризен штаб. По разгледувањето на актуелната епидемиолошка состојба во државата, на состанокот на КШ е оценето дека се создадени услови новата школска година да започне со физичко присуство на учениците, а одделни исклучоци ќе бидат прецизирани на утрешната седница.
Во прилог на заклучокот за почетокот на училишната година со физичко присуство, според членовите на ГККШ, е големиот број на вакцинирани наставници и училишен кадар. Моментално 62% се вакцинирани, а се очекува до септември зголемување до 80% вакцинирани, од вкупниот број вработени во училиштата, велат од Главниот координативен кризен штаб.
Веќе се изработени протоколи од епидемиолозите за настава со физичко присуство, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите, каде се одржува наставата, дополнуваат од Владата .
Од почетокот на имунизацијата до сега, 60% од вработените негувателки, воспитувачки и останатиот персонал во градинките се вакцинирани. А, во скопските градинки тој процент изнесува над 65%, рече денеска министерката за труд и социјална политика, по средбата со директорите. На неа се разговарало за работата од септември, кога во услови на пандемија, се очекува зголемен број на деца од сегашните 8.300 кои престојуваат во летниот период. За нивна и за заштита на вработените, ќе се разговара со сеуште невакцинираните вработени во гранките , да го сторат тоа.
Разговаравме денеска на состанокот со директорите. Ние би организирале уште еден состанок и со претставниците од КЗЗБ, кои што ќе разговараат со вработените и ќе им укажат на тоа , колку е значајно да бидат вакцинирани заради нивното сопствено, но пред се заради здравјето на дечињата за кои што се грижат.Се докажа дека вакцинацијата е предуслов за успешно менаџирање на пандемијата со Ковид-19, рече министерката шахпаска.
Согласно епидемиолошката состојба, бројот на деца во градинките може да се менува, но на денешниот Кризен штаб е одлучено за сега да нема редукции. Според протоколите од мај, во групите до двегодишна возраст престојуваат 15 деца, а во групите од две до шестгодишна возраст- 20 деца.
Сотир Трајков
