Свет

Голем шумски пожар ѝ се заканува на Атина, гори на југот од Турција и Италија, огромен пожар и во Калифорнија

Шумските пожари продолжуваат да беснеат низ светот. Огнената стихија ѝ се заканува на грчката престолнина, гори на Сицилија и Калабрија, а во Калифорнија беснее третиот најголем пожар во историјата на американската сојузна држава.

Во Грција најкритично е во близина на Атина. Северно од градот пламенот и црниот чад можат да се видат оддалеку, а жителите на градот Варибоби беа два пати евекуирани изминативе 4 дена. Две лица го загубија животот во борбата со огнената стихија во близина на грчката престолнина а 20 други беа повредени. Еден пожарникар волонтер загинал откако врз него паднал електричен столб во едно од предградијата на Атина и претседателот на стопанската комора на градот, Константинос Микалос, кој бил пронајден во погон на фабрика во близина на која беснеел пожар. Тешка е ситуацијата и на островот Евија каде стотици луѓе беа евакуирани со бродови поради пожарот кој се приближува до крајбрежните подрачја. Член на крајбрежната стража на островот за јавниот сервис ситуацијата ја спореди со апокалиптично сценарио, додека премиерот Мицотакис оцени дека пожарите ја докажуваат реалноста на климатските промени.

Должни сме да ја одбраниме нашата земја од реалноста на климатските промени. Не барам алибија или изговори. Направивме важни чекори во организацијата на државата, но тоа не е доволно кога пред вас има природен феномен од вакви размери, изјави Мицотакис.

Во соседна Турција исто така беснеат најлошите пожари во историјата на земјата. 8 лица ги загубија животите а 10 илјади беа евакуирани долж јужниот брег на земјата.

Големи шумски пожари се активни во пет градови: Анталија, Мугла, Испарта, Ајдин и Денизли.

Италијанските противпожарни екипи продолжуваат да се борат против огнената стихија во јужниот дел од земјата, каде што метеоролозите предвидуваат екстремно високи температури во наредните денови. Истовремено, се очекува силно невреме во северниот дел на Италија.

Најопасни се пожарите во провинциите Козенца, Матера и Реџо Калабрија каде вчера животот го загубија две лица, кои се задушиле од чад во градот Сан Лоренцо.

Италијанските власти утврдуваат дека повеќе од 57 проценти од пожарите во земјата се подметнати, а 14 отсто се последица на невнимание, како што е фрлање догорчиња од цигари или палење оган во природа.

Поттикнат од силен ветер и голема суша, пожарот Дикси, кој ја зафати северна Калифорнија, се прошири на површина од 175.153 хектари, и со тоа стана третиот најголем пожар во историјата на оваа сојузна држава.

Според експертите климатските промени предизвикуваат подолги топли и сушни периоди кои пак го зголемуваат ризикот од шумски пожари. Тие предупредуваат дека од почетокот на индустриската ера светот се затоплил за 1,2 степени, и ќе продолжи дополнително да се затоплува се додека владите ширум светот не ги зголемат своите напори за намалување на емисијата на штетните стакленични гасови.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Во Германија уапсени двајца руски шпиони

Дејан Дејан

Директорот на ЦИА предупредува дека Украина би можела да ја изгуби војната до крајот на годинава ако Конгресот не ја одобри помошта за неа

Дејан Дејан

Цените на нафтата растат, фјучерсите потонаа за речиси 500 поени поради извештаите за експлозии во Иран

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе