Премиерот Зоран Заев утрово имал онлајн состанок во врска со подготовките за Економскот форум за регионална соработка, што го организираат со неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.
-Утрово имав продуктивен состанок посветен на подготовките за Економскиот форум за регионална соработка, кој заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама го организираме во Скопје на 29 јули. Се поврзуваме уште повеќе за да го олесниме и подобриме животот на сите наши граѓани. Ова е нов Балкан, европски, напиша премиерот Заев на својот фејсбук-профил.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, разговараше денеска преку видео врска со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, за регионалниот економски форум што ќе се одржи во Скопје на 29 јули, јави дописникот на МИА од Белград.
-Многу успешен разговор со Заев и Рама посветен на подготовките за регионалниот економски форум што го организираме заедно на 29 јули во Скопје, напиша Вучиќ на официјалниот профил на Инстаграм „Будуќностсрбија“.
Регионална иницијатива што ќе не поврзе и ќе го подобри животот на сите наши граѓани. Заедно градиме нов Балкан, економски, дополни Вучиќ.
На состанокот присуствуваше и претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж.
На последната видео конференција на Вучиќ, Заев и Рама на 29 јуни тројцата соговорници порачаа дека се „свесни да само со заедничката соработка и прифаќање на регионалната соработка во рамките на разни регионални иницијативи како што се заедничкиот пазар, регионалниот Шенген, зелените коридори или Берлинскиот процес, можеме да ги приближиме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашиот народ и да донесеме големи инвестиции, кои би биле можни за секој од нас поединечно“.
Соговорниците се согласија да се сретнат во Скопје на 29 јули за да го разгледаат напредокот во спроведувањето на постојните иницијативи и проекти и да потпишат дополнителни договори меѓу трите земји во врска со спроведувањето на обврските од Берлинскиот процес, како и соработка и помош во случај на природни катастрофи олеснување за трговијата, извозот и увозот, беше еден од заедничките заклучоци на видео конференцијата одржана пред еден месец.
-Ги повикуваме и охрабруваме нашите колеги од регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан наскоро, преку единствениот пазар, ќе стане важен дел од секојдневицата на нашите граѓани, порачаа српскиот претседател и премиерите на Северна Македонија и Албанија на видео конференцијата на 29 јуни.
