На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија успешно е направена реплантација на десна подлактица.
Како што информираат од министерството за здравство, реплантацијата на горен екстремитет е една од најкомплексните хируршки интервенции која вклучува остеосинтеза на коските, реваскуларизација-анастомиоза на артерии и на вени, реконструкција на нервите и на мускуло-тетивниот апарат и реконструкција на мекоткивната покривка.
Пациентот бил самоповреден со моторна пила, примен на Клиниката за пластична хириргија во хеморагичен шок неколку часа по повредата. Веднаш по приемот е направена хируршката интервенција бидејки кај овој тип на операции има мал временски прозорец за интервенција (до 6 часа од повреда). На пациентот му била ампутирана десна рака, а денеска со две раце е отпуштен од болница.

Оваа комплексна интервенција е изведена од тим на хирурзи и анестезиолози: Од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија:Доц.д-р Софија Пејкова, Д-р Бисера Николовска, Д-р Гордана Георгиева, Од Универзитетската клиника за кардиохиругија: Д-р Мишел Андов, Од Универзитетската клиника за трауматологија Д-р Игор Мерџановски, од Универзитетската клиника за анестезија реанимација и интензивно лекување Д-р Јасна Бушиноска. Исто така, тимот беше во постојана комуникација со Проф. Д-р Оскар Азман, пластичен хирург од Медицинскиот универзитет во Виена и визитинг професор на Медицински факултет од Скопје, соопштува Министерство за здравство.
