Трајче Бојковски кој е обвинет за убиства на четири жени и за два обида за убиство не призна вина. Откако прво одбиваше да одговори на прашањето на судијата за неговите лични податоци, на продолжението на судењето сепак проговори и се изјасни за невин. Кажа и дека разбира за што е обвинет.
Ова предизвика реакција кај неговиот адвокат Драган Трајковиќ кој рече дека го советувал својот клиент да признае вина. По кратката пауза која беше дадена по барање на адвокатот, Трајковиќ го откажа полномошното на обвинетиот.
На Бојковски му се заканува казна затвор од десет години до казна доживотен затвор. Според обвинителот тој со умисла лишил од живот повеќе лица, а убивал од омраза кон жените.
Некрофилијата била доминантен мотив за убиствата – рече во воведното обраќање обвинителот Љубен Лапе кој го застапува обвинението за серискиот убиец од Старо Нагоричане.
„Ова е случај како што немало во македонската и југословенската судска пракса, предизвик беше и успешно одговоривме. Ќе докажеме дека Бојковски од ниски побуди со умисла лишил од живот 4 жени, а се обидел две да ги убие. Јавното обвинителство има докази многу, сите битни факти и елементи на кривичните дела“, рече обвинителот Лапе во воведните зборови.
Обвинителот Лапе додаде дека од ДНК анализата ќе се утврди дека 25 годишниот Бојковски е сторител на кривичните дела, а судско психијатриските вештачење и обдукциските наоди ќе ги потврдат посебните мотиви кои постоеле и биле движечка сила за убиствата а воедно ќе се испитаат и преживеаните.
„Ќе се утврди дека со намера да задоволи полови страсти кон мртви женски тела искористувајќи ги околностите кои ги знаел, дека се сами, немоќни, најчесто стари и заспани, влегувал во нивните куќи, физички ги напаѓал, ги удирал и ги давел па откако ќе ги усмртел со својот полов орган извршувал пенетрација во сега покојните жртви“, рече обвинителот.
