За првпат во своето постоење од 1926 година скопската Зоолошка е дом на пингвини. Девет јужноамерикански пингвини за првпат беа пуштени во своето надворешно живеалиште на радост на посетителите и зоо негувателите.
Светот постепено чекори во „новата нормалност“, девет јужноамерикански пингвини по карантинскиот престој и адаптација запливаа во новиот Залив на пингвините разладувајќи се на високите скопски горештини. Зоолошката градина е нивниот нов дом и можност за соживот. Сепак патешествието до тука на овие две фамилии пингвини во време на пандемија е различно.
- Нашите италијански пингвини дојдоа по копно, другиве летаа. Едните никогаш не живееле на сонце живееле во планетариум во Зоолошката градина во Москва, овие па другиве никогаш не влегле во соба. Значи имавме една ултра комплицирана комбинација и тоа го правиме за првпат тука во Скопје. Ние поседуваме две убави крвни линии на Хамболт пингвини едната од Русија другата од Италија треба токму тука да се спарат и во следниве години се надеваме дека ќе произведеме наши со кои ќе придонесеме за заштитата на токму овој вид пингвини- Војо Иванов, зоо негувател.
За најмладите, но и за возрасните сето ова има и една едукативна компонента.
- Постојат 18 видови , ние ги имаме оние хамболт кои доаѓаат од јужна Америка, Чиле Аргентина е нивниот простор и затоа одбравме ваквиот залив на пингвините да го промовираме во овој дел од годината и едукативно да влијаеме дека дел од пингвините не живеат на Северниот, туку живеат на јужниот дел и се толерантни на вакви температури – Војо Иванов, зоо негувател.
Градот Скопје ја финансираше изградбата на живеалиштето.
- Со ова всушност го дооформуваме целиот овој комплекс кој што заедно со живеалиштата на фламингата градот и ЗОО го чинеше вкупно околу 18 милиони денари. Станува збор за целиов овој комплекс за еден отворен базен во површина од 180 метри квадратни и затворен базен со површина од 120 метри квадратни што автоматски значи дека животните имаат две живеалишта отворено и затворено- Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.
За најмладите првата средба со пингвините беше можност да се потсетат на цртаниот филм „Пингвините од Мадагаскар“, секогаш разоткривајќи нови нешта за истражување.
Нина Стефанова
