ВМРО-ДПМНЕ тврди дека по преземањето на власта поставила стратешка цел Македонија да стане клучна сообраќајна крстосница на Балканот и дека во изминатите две години се работи со засилено темпо на реализација на инфраструктурните проекти.
Во партиското соопштение се наведува дека во употреба се пуштени експресните патишта Градско–Фариш и Страцин–Крива Паланка, а интензивно продолжуваат градежните работи на автопатските делници Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, кои се дел од Коридорите 8 и 10-д.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека се надминати дел од проблемите на автопатот Кичево–Охрид, вклучително и свлечиштата на косините, и дека се работи на негово што поскоро завршување.
Партијата додава дека е потпишан договор за финансирање на автопатот Скопје–Блаце, избрани се консултант и изведувач, а почетокот на изградбата, според нив, се очекува следниот месец. Во соопштението се наведува и дека започнале подготовките за изградба на експресните патишта Кочани–Виница–Делчево и Струмица–Радовиш.
Според ВМРО-ДПМНЕ, инвестициите во патната инфраструктура се двигател на економскиот развој, придонесуваат за побрз транспорт на луѓе и стоки и за развој на туризмот.
Воедно, партијата ја критикува опозицијата, наведувајќи дека „додека некои само се сликаа со маици со бројки од Коридорите“, актуелната власт, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, со забрзано темпо гради патишта, автопатишта и експресни патишта низ целата држава.
