Климатските промени пристигнаа во Германија, напиша на Твитер министерката за животна средина Свења Шулце, и додава дека разорните поплави кои ја погодија земјата само кажуваат дека треба да се навикнеме на идните екстремни временски услови.
Германија со векови не се соочила со вакви поплави, кои зедоа над 90 животи, уништија речиси цели села, домаќинства, мали бизниси. А неизброени остануваат над илјада луѓе во округот Арвајлер. И сојузната држава Северна Рајна Вестфелија е силно погодена. Тука се загинати половина од вкупниот број жртви. Тешко оди и спасувањето поради блокираните патишта и мобилната недостапност. Многумина останаа без своите домови, додека водата ги проби и горните катови од нивните куќи. Штетите се непроценливи, кои најверојатно ќе се санираат со децении. За ваквите климатски промени нетипични за централна Европа, виновен е човекот, согласни се германските политичари.
Ова е природна катастрофа, но фактот што оваа катастрофа се случи во ваков обем секако се поврзува со климатските промени кои прогресираат брзо, а ние ги набљудувавме долго време. затоа, мора да бидеме иницијативни, и за жртвите тука, мора да сториме се за да ја сопреме климатската промена предизвикана од човекот, рече ОЛАФ ШУЛЦ, МИНИСТЕР ЗА ФИНАНСИИ НА ГЕРМАНИЈА
И од Белгија пристигнуваат драматични снимки. Бројот на жртви и тука расте, пријавени се над 20, меѓу нив и 15-годишно девојче. Во округот Пепинстер силните поплави уништија десетици домови, а луѓето спасот го видоа на покривот од куќите. Цела ноќ чекаа да ги спасат од воздух.
Има и мало дете, и тоа ни е приоритет, бидејќи е студено, а седат горе веќе долго време. Ќе сториме се за да се качиме на тој покрив, вели пожарникарот Арнод Лами.
Болницата во малиот град Лиеж е остечена од светот, а спасувачите не можат повредените да ги донесат до болничката зграда. Градот во кој живеат 200 илјади жители е целосно поплавен откако реката Меус се излеа од своето корито. Една од спасувачките акции заврши неуспешно кога малото бротче на пожарникарите се преврти и тројца постари луѓе исчезнаа. Жителите на Лиеж беа повикани да ги напуштат своите домови.
За среќа ја имам сестра ми, но сега ни кажаа дека куќата ни се урнала и мора да заминеме.
Системот со низок притисок и влажни облаци уште некое време ќе стои над централна Европа предизвикувајќи поројни дождови, предупредија метеоролозите.
Но, на оваа климатска промена со години наназад укажуваа научниците. Ги обвинуваа политичарите кои не успеаа да ги заштитат граѓаните, од глобалното затоплување и неговите последици. Неподносливите високи температури со кои се соочи Америка и поројните дождови во Европа треба да се потсетник уште колку поопасни временски услови не чекаат ако не се намалат емисиите на карбондиоксид.
Алиса Шутиноска