Бројот на жртви во невремето и поплавите во западниот дел на Германија и Белгија надмина 90, а денеска продолжи потрагата по стотици исчезнати лица.
Властите во германската сојузна покраина Рајнска област-Пфалц соопштија дека таму загинале 50 лица, меѓу кои најмалку девет жители на дом за инвалиди.
Триесет лица загинаа во Северна Рајна-Вестфалија, но властите предупредуваат дека бројот може да се зголеми.
Околу 1.300 лица се водат како исчезнати во областа Ахрвејлер, јужно од Келн, објавија локалните власти на Фејсбук.
Белгиските медиуми јавија за најмалку 12 жртви.
Целиот западен дел на Германија беше погоден од поројни дождови што предизвикаа поплави.
Руталспере, брана близу границата со Белгија, е наполнета со вода, додека другата брана Штајнбахталспер е нестабилна.
Парламентот на Северна Рајна-Вестфалија ќе одржи вонредна седница денеска. Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, за „Шпигел“ изјави дека федералната влада сака да им обезбеди финансиска поддршка на погодените области што е можно поскоро, додавајќи дека за тоа ќе се дискутира во Владата в среда.