Смртоносниот биланс од страотните поплави во западните германски региони продолжува да се зголемува.
Најмалку 42-ца германци ги загубиле животите а уште голем број засега се водат како исчезнати, во налетот на водената стихија која поплави стотици куќи а со себе носеше и дрвја и автомобили.
Никогаш не сме се соочиле со вакво нешто, оцени гувернерката на Рајнската област, Малу Дрејер, додавајќи дека животно загрозени се уште голем број луѓе.
“Димензиите се навистина огромни.Сме морале често да се справуваме со поплави. Но тоа што се случува од синоќа е со димензии кои досега никогаш претходно не сме ги искусиле. Имаме мртви луѓе, имаме многу луѓе кои се уште се водат како исчезнати и секако имаме бројни опасни ситуации во кои луѓето се уште седат качени на дрва и на покривите на нивните куќи и чекаат да бидат спасени од воздух” – изјави Малу Дрејер, гувернерка на Рајнската област – Пфалц.
Најмалку 19 луѓе загинале во поплавите во рајнската област- пфалц, откако реката Ар, која се влева во Рајна, се излеала од коритото.
Катастрофата се случи исклучително бргу и ненадејно и немавме ниту време бргу да реагираме, сведочат жителите на местото Шулд, едно од најтешко погодените во поплавата.
“Куќата која стоеше тука, веќе не ја гледам, нема ништо на тоа место. Две куќи, ги снема. Не, навистина. Пред да добиете шанса да погледнете, толку бргу ја снема” – вели Ренате Холзен, жителка на Шулд.
“Ар има малку вода, знаете, најчесто нивото се зголемува 50 до 60 сантиметри. Целосно безопасна река. Ништо посебно. Затоа луѓето беа изненадени. Сега има 4 или 5 пати повеќе вода од вообичаено. А синоќа? Тоа беше лудница” – додаде Карл Хајнц Грим.
Поплави без преседан се случија и во повеќе региони во источна Белгија. Најмалку 6 луѓе, меѓу кои и една 15 –годишна девојка ги загубија животите откако силното невреме и поројните дождови предизвикаа излевање на реките.
Црвен аларм е објавен за градот Лиеж, околу 100 км источно од Брисел, каде за еден ден се предвидува повеќе дожд отколку што вообичаено паѓа за цел месец.
На граѓаните им се сугерира да ги евакуираат своите домови, заради можното излевање на реката Меза. Итно беа евакуирани и жителите на малото место Мелинген, кое уште синоќа беше поплавено.
“Претходно, беше пониско нивото и не беше волку страшно. Но, ова е екстремно. Мислам дека ова претходно не било видено. Вода дојде од сите страни наеднаш. Ништо не можевме да направиме, баш ништо. Се обидуваме да го спасиме тоа што можеме” – тврди Едит Декерс, сопственичка на поплавена куќа.
Поплави има и во некои јуќни делови од Холандија, каде метеоролозите предупредуваат дека и во наредните часови ситуацијата може да се влоши. Повеќе од 400 тини куќи останале без струја во провинцијата Лимбург.
Никола Илиевски
