Законодавна битка, на локално и федерално ниво се води во САД, околу предложените реформи во изборниот систем. Во центарот секако се двете главни партии, Демократската и Републиканската. Се започна кога републиканците, по обвинувањата на поранешниот претседател Трамп дека изборите му биле украдени, започнаа серија законски измени во системот за гласање во сите 16 сојузни држави каде што имаат мнозинство во Претставничките домови и гувернер од нивната партија. Тие тврдат дека целта на измените е да се заштити процесот од евентуални злоупотреби, а во тие измени се вклучени ограничувања на периодот за гласање по пошта, како и дополнителни услови како фото идентификација и слично.
Демократите веднаш проценија дека таа битка не можат да ја добијат на локално ниво и своите напори ги концентрираа на федерално. Нивниот предлог е сеопфатни измени на изборниот процес на федерално ниво, водејќи се од логиката дека според американскиот устав, федералните закони се над локалните. Меѓу нивните предлози спаѓаат автоматско регистрирање на полнолетни гласачи и поранешни осуденици кои си ја отслужиле казната. Исто така демократите предлагаат и да се воведе обврска за технолошките компании да објавуваат информации поврзани со политичко рекламирање.
Предлогот на демократите беше одобрен во Претставничкиот дом на Конгресот, но заглави блокиран во подеднакво поделениот Сенат.
Разликите се строго партиски и ниту еден претставник или сенатор, до сега, не отстапи од партиската позиција.
Американскиот претседател Џо Бајден, и самиот се вклучи оценувајќи дека е национален императив да се донесе сеопфатен закон за гласачко право, и ги обвини републиканците дека сакаат сузбивање и укинување на избирачкото право. Во говорот во Филаделфија, градот кој се смета за родното место на американската нација, Бајден, иако не го спомна неговото име, го нападна Трамп „за лажни обвинувања за изборна кражба“.
Слушајте ме јасно, во денешна Америка во тек е напад, обид за сузбивање и укинување на правото на глас на слободни и фер избори. Големата лага е само тоа, голема лага, рече Бајден, алудирајќи на недокажаните тврдења на Трамп и неговите приврзаници за изборна кражба, додава Гласот на Америка.
