Шпаниja ги врати полицискиот час, ограничувањата за дружење и ноќниот живот во дел од регионите за да се спречи наглиот пораст на бројот на новозаболени од Делта варијантата, која особено брзо се шири меѓу невакцинирани млади луѓе во државата.
Токму за да се зголеми процентот на имунизирани кај младите, некои вакцинални центри во земјата започнаа да работат 24 часа.
„Важно е да се вакцинираме, исклучително важно. Мислам дека сите млади треба да се вакцинираат, особено затоа што ние сме тие кои најмногу излегуваат надвор” – вели еден млад студент
Се поголемиот број на новозаболени во Франција, го натераа претседателот Емануел Макрон, да нареди задолжителна вакцинација на сите здравствени работници во земјата до 15 септември.
Макрон исто така ги предупреди Французите да ги почитуваат препораките и да се вакцинираат, инаку земјата повторно ќе треба да воведе рестриктивни мерки. По неговото синоќешно обраќање, до сега повеќе од 900.000 луѓе во Франција побрзаа да закажат вакцинација.
„Бидејќи оваа варијанта е три пати позаразна од првичната се шири низ сите области кои не се покриени со вакцинација. За да се справат со тоа, нови мерки беа воведени од властите во Холандија, Португалија, Шпанија, во Азија и Пацификот. И Јапонија, која ги организира Олимписките игри, ќе ги одржи без публика.“ –изјави францускиот претседател Макрон.
Американското министерство за здравство го одби барањето на Фајзер за воведување на трета доза, откако се појавија сомнежи дека Делта варијантата на Ковид, која забрзано станува доминантна, е поотпорна на сегашните вакцини.
Здравствените власти не ја отфрлаат можноста некогаш во иднина да нсе појави потреба од дополнителна трета доза, но во моментов процениле дека тоа не им е потребно на Американците кои се целосно вакцинирани.
За воведувањето на трета доза се размислува и во Србија. „Политика“ денеска објави дека таквата одлука е веќе донесена.
Според весникот, Националното тело за имунизација смета дека треба уште една доза за луѓето со ослабен имунитет поради други болести, или со автоимуни заболувања, оние кои се на терапија со која се потиснува имунитетен одговор и пациенти со трансплантирани органи.
Игор Трајков
