Вести Македонија

4-ца доживотни затвореници на Врховен суд за Диво Насеље – бараат ново судење за крвавите кумановски настани и одговорност за вистинските политички организатори

Претседателот Стево Пендаровски, поранешниот премиер Никола Груевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу и Стојанче Ангелов беа имињата кои беа спомнати во судницата или во изјавите на адвокатите на доживотните осуденици за Диво Насеље, како луѓе кои знаат што стоело зад организација на кумановските настани. И адвокатите, но и осудените бараат целосна вистина за случајот од пред 6 години и обвинуваат дека зад целата операција стоеле политички структури од државата со сопствени партиски интереси.

Еден терорист е избеган во Унгарија, а друг сега е во притвор во Шутка, вака пред 5-те врховни судии тврдеше доживотниот осуденик Деме Шеху, осуден за тероризам во крвавите кумановски настани од 9-ти мај 2015-та.

Сите 4-ца присутни од вкупно 7 доживотни осуденици тврдеа дека не биле организатори ниту терористи туку само се бореле за подобри права на АЛбанците кои според нив биле тероризирани од Никола Груевски и неговата компанија односно партијата ВМРО-ДПМНЕ. Осудените Шеху, Анди Красниќи-Малишева, Бегу Бајро и единствениот од Македонија Фејзула Рушидовски ја обвинуваа претходната власт за терор и организација на Диво Насеље, но внимателно во овој контекст избегнуваа да го стават во уста и помалиот коалиционен партнер ДУИ.

Сите бараат целосна вистина и се жалат на судската постапка во прв и втор степен. Осудениот Бајро вели дека треба да има ново судење на кое сведок треба да биде актуелниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, а адвокатот Насер Рауфи побара да се расветли што знаел лидерот на ДУИ Али Ахмети. Но сите се убедени дека има политичка организација на Диво Насеље, а главните говорници за ова, сега молчат.

Суштествена повреда на постапката и погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба се причините поради кои осудените од Диво Насеље бараат поништување на првостепената пресуда и нов судски процес.

Тврдат дека кривичниот суд не ги прифатил доказиите на одбраната ниту пак утврдил што точно се случи во најголемиот судир во градска средина во Македонија.

Загинаа 8 полицајци и 10 припадници на терористичката група.

Ниту еден политичар или безбедносен функционер не одговараша за пропустите.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владата ќе доделува концесии за геолошки истражувања во источниот дел на Македонија со што се отвора патот за нови рударски проекти – велат од Здрава котлина

Дејан Дејан

Ниту се открива компанијата, ниту колку пари се потрошени – Општина Кисела Вода без конкретен одговор за пропаднатиот пат од Теферич до Сопиште

Sasko Dimovski

Дваесетина портали со домен .tv под лупа на АНБ и МВР за поттикнување тензии меѓу Македонија и Бугарија

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе