Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа потврди дека овој месец неговата влада планира да ги поништи одлуките со кои носењето маски и социјалната дистанца се задолжителна обврска за британските граѓани.
Иако признава дека повлекувањето на сите рестрикции би можело драстично да го зголеми бројот на нови случаи корона вирус од ткн делта варијанта, првично детектирана во Индија, Џонсон оцени дека овие мерки ќе бидат заменети со личната одговорност. Англија сега се очекува на 19-ти јули да влезе во финалната фаза на својот план за укинување на сите рестрикции, иако конечната одлука ќе биде донесена на 12-ти овој месец.
Зошто Велика Британија се одлучува да ги укине рестрикциите во ситуација кога по подолго време се соочува со експоненцијален пораст на бројот на нови случаи Ковид-19 овој пат од делта варијантата?
Според министерот за здравство на Велика Британија одговорот е во вакцините, појаснувајќи дека околу 80% од возрасните луѓе примиле најмалку една доза од вакцините против коронавирус, додека 60% биле целосно имунизирани.
Во моментов, во последните 24 часа, имаме околу 25 000 случаи дневно. Но, кога ќе ги погледнете хоспитализациите и смртните случаи, овој период на пример, умираат околу 1/30-тина од бројот на луѓе кои умираа последниот пат кога имавме волку голем број случаи. Исто така кога зборуваме за здравствените предизвици и проблеми со кои се соочуваме, една од работите кои и вчера ги кажав, е дека како министер за здравство, многу сум загрижен за сите проблеми кои не се поврзани со КОВИД, кои не исчезнаа. Туку веројано се сега и полоши, изјави Саџид Давид, министер за здравство на Обединетото Кралство
Според Саџид Давид, британскиот здравствен систем повеќе не може да биде фокусиран само на болните од Ковид и британците мора да научат да живеат со корона вирусот.
Околу 7 милиони луѓе, во текот на пандемијата, не побарале помош од националното здравство заради своите проблеми. 7 милиони луѓе, само за момент помислете на сите здравствени проблеми кои се насобрале. Мора и тоа да го третираме како приоритет исто така, не може се да биде само за КОВИД.
Според најавите, Велика Британија планира повторно отворање на ноќните клубови за прв пат по почетокот на пандемијата, укинување на ограничувањата за бројот на луѓе кои може да присуствуваат на настаните и укинување на обврските за работа од дома.
Никола Илиевски
