„Бараме од Врховниот суд да ги укине пресудите, да го поништи судењето и да има ново судење бидејќи пресудите се базираат на лажни сведочења. Бараме оставка на Владата, распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори“. Ова се дел од барањата од Декларацијата која беше прочитана на вечерашниот протест кој заврши пред Собранието, а на кој присусвуваа неколку илјади граѓани. Обвиненијата за тероризам на осудените за „27 април”, според организаторите на протестот, се политички монтирани.
Протестот го организираа македонските заедници и организации од дијаспората, а го поддржаа дел од опозициските партии меѓу кои ВМРО-ДПМНЕ. Присутен беше и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, кој на новинарите им рече
„Уставобранителите се осудени за тоа што го нарачал Заев, а наградата за Кацарска е Уставниот суд. Процесот мора да се врати отпочеток и да не си игра Заев со трпението на народот“.
За СДСМ, присуството на Мицкоски на протестот е затоа што „неговите хипотеки се големи штом мора секој ден да брани криминалци и насилници„.
Тоа што луѓето кои на 27 април насилно упаднаа во Собранието, се обидоа да убијат пратеници и да го загрозат уставниот поредок Мицкоски ги брани и ги нарекува уставобранители е доказ дека овој човек е цврсто застанат зад насилството и криминалот, на спротивната страна од интересите на граѓаните и државата, соопштија од сдсм.
Ова е втор протест во организација на македонски заедници и организации од дијаспората за поддршка на осудените за 27 април. Првиот беше на 25 април.
