Јавниот обвинител Љубомир Јовевски тврди дека обвинителството не ја чекало оставката на Рашковски за да побара негово приведување. Јовевски во вечерашното гостување на Топ Тема рече дека обвинителството отворило истрага по допрен глас уште додека Рашковски се уште ја извршуваше функцијата.
После преземените предистражни мерки, јавниот обвинител кој што постапува по предметот нашол дека постојат основи за отварање истрага и ја отвори истрагата и притоа според негова оценка треба да се преземат соодветни мерки кон лицето против кое се води истрагата, рече Јовевски.
Јовевски рече дека според информациите кои ги има, во овој случај обвинителството нема добиено службена белешка од АНБ, како што беше случајот со приведувањето на Орце Камчев. Додава дека обвинителството не добива често такви службени белешки од АНБ. Дали ќе се побара притвор или друга мерка за обебзедување, зависи од доказите што дотогаш обвинителството ги обезбедило.
Предлозите за притвор на обвинителството не се засноваат само врз основа на службени белешки од надлежните органи, туку обвинителството може и врз основа на другите прибрани докази, или сознанија, да процени дека постои опасност за бегство, вели Јовевски.
