Вести Македонија Топ вести

Македонците ќе можат да гледаат бугарски, а Бугарите македонски телевизии

Се одмрзнуваат релациите меѓу Скопје и Софија по блокадата од Бугарија во ЕУ во декември. Откако вчера е договорено од март сателитскиот канал на Бугарската национална телевизија – БНТ 4, освен преку операторото А1, да се реемитува и на „Макс ТВ“ на Македонски телеком во кој државата има свој удел, а сателитскиот канал на македонската телевизија да се реемитува на бугарските телевизиски оператори, се чака и завршување и на процедурата околу документацијата за три привати бугарски телевизии да можат да се реемитуваат во Македонија, а до крајов на февруари истото ќе се направи и со 3 – 4 приватни македонски телевизии за реемитување во Бугарија. Дополнително месецов се очекува ректорот на Софискиот универзитет, придружуван од неколку декани, во Скопје да го посети најголемиот државен универзитет во земјава – Св. Кирил и Методиј, но и други универзитети, за да се договара размена на професори, но и на студенти уште од следната учебна година.

Овие информации за Телма ги потврди специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски, според кого студентската размена би можела и порано да стартува со летните семинари.

Освен размената на телевизиските канали и универзитетска соработка, од денеска македонската државна новинаска агенција има и свој дописник од Софија, новинарот Николај Крастев, а на името на дописникот на Бугарската телеграфска агенција од Македонија се уште се чека.

Во меѓувреме двете министерства работата на усогласување на Акцискиот план кој би треба да биде усвоен на заедничка меѓувладина конференција. Неофицијално македонската страна се надева дека тоа би можело да се случи и овој месец.

Од македонското МНР за Телма велат дека се во постојана комуникација со бугарските колеги околу акцискиот план, но без повеќе детали до каде е процесот.

Неофицијално пак Телма дознава дека македонската страна веќе го има разгледано бугарскиот одговор на македонскиот акциски план од јануари и оти одговорот од македонска страна е веќе формилиран во предлог-финална верзија на кој Софија ќе треба да одговори дали и е прифатлив.

И додека се прават напори да се затоплат релации меѓу двете земје, денешното одбележување на 149 години од раѓање на Гоце Делчев, покажа дека некои прашања меѓу двете змеји се далеку од затвроени. Па така бугарскиот вицепремиер, Красимир Каракачанов, денеска на фејсбук напиша дека Делчев ги оставил своите коски за слободата на бугарскиот народ во Македонија и тој самиот се декларирал за бугарски патриот.

Во Македонија пак раѓањето на Делчев не беше искористено тој етнички да се идентификува, туку да се одбележи неговата заслуга за создавањето на македонската држава. Но се искористи и за нова кавга меѓу власта и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ денешното чествување на Делчев од страна на Владата го нарече понижувачко бидејќи наместо со највисоки претставници, Владата тоа го направила на ниво на заменик-министер.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нацрт-документот оди на ревизија – одложено гласањето за резолуцијата за Сребреница во ОН

Дејан Дејан

Поскапува задолжителната осигурителна полиса – нови цени за регистрација на возила

Дејан Дејан

Рокот за приговори за постапката за гласање е до 19 часот, до полноќ за сумирање на резултатите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе