Ковид19 Македонија Топ вести

Општина Аеродром со најмногу активни случаи во Скопје – Струмица лидер од градовите во внатрешноста

Највисокиот број на активни случаи во Скопје се пресели на пет километри од некогаш најголемото жариште на Ковид во главниот град – Чаир.

Сега Општина Аеродром е на врвот на таа листа со 531 изолирани лица потврдени како позитивни. Тоа е само една петина од вкупниот број на активни случаи во најголемиот град, кој логично е и најголемото жариште на вирусот во земјава.

Карпош и Центар се близу до Аеродром според бројките – и во двете општини има повеќе од 400 активни. Во денешниот извештај, само од Скопје се двесте лица од новозаразените, со што бројката на активни случаи е 2655 луѓе.

Од останатите градови во Македонија ниту еден нема четирицифрена бројка на активни случаи. Струмица со 360 лица има најголема бројка на активни позитивни, според податоците на Министерството за здравство.

Тетово, Куманово, Прилеп и Кочани се со по над двесте активни. Гевгелија, Битола, Штип и Делчево се со по над сто. Во останатите градови бројките на активни се веќе двоцифрени и едноцифрени.

Македонија го живее есенскиот бран на Ковид. Здравствените власти одново испратија апел со старите препораки.

Ризикот кој го носи есента е сериозен аларм дека мора доследно и во целост да се почитуваат универзалните мерки за заштита на индивидуалното и јавното здравје, уште повеќе заради тоа што временските услови се менуваат, а граѓаните почнуваат се повеќе да функционираат во затворени простории. Во моментов, единствениот начин за заштита од вирусот, насекаде во светот не само кај нас, е заштитна маска, потребното физичко растојание и редовна и темелна хигиена на рацете. “

Комисијата за заразни болести веќе подготви пакет на рестриктивни мерки од кои дел чекаат законска измена за да може да се применуваат.

Такви се – носење маска на отворено, ограничување на дозволениот број на гости во домот, и не повеќе од четворица на отворено по 22 часот.

Ако стручните лица од Комисијата оценат дека ситуацијата останува критична и по викендов, до Владата ќе испратат и препораки како ограничен број на патници во јавниот превоз, забрана за секакви јавни настани и се да работи до 23 часот – не подоцна.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рокас: План за раст и реформска агенда не се замена за полноправно членство туку алатка за подготовки

Дејан Дејан

Koалиција „Сите за правично судење“ бара непристрасна истрага без селективност за борба против корупција

Дејан Дејан

Викендов почнува летното сметање на времето

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе