Четири училишни предмети „спакувани“ во една книга. Првачињата, но и второ, четврто и петтоодделенците во првите три месеци од новата учебна година ќе се образуваат од овој материјал. Македонски јазик и математика, но и природни науки и историја и општество се предметите за коишто учебници нема. Дел не се одобрени и затоа не се ниту испечатени. Според ова се раководат и училиштата.
Првпат се случува ова, пристигнати се материјалите за учење. Децата во првото тримесечје ќе учат од тие материјали, додека да се испечатат учебниците. Децата од прво, второ, четврто и петто одделение ќе работат според новата концепција. Материјалите за учење не се скрипти како што беа најавени туку тоа се во форма на учебници со корица, само што не се учебници туку се помошни материјали коишто ќе ги користат децата во првото тримесечје од оваа учебна година, изјави Кристина Андриќ – Стојановска – Директор на ООУ „Аврам Писевски“.
Денес во основно се примаа првачињата и во училишните клупи се вратија учениците од повисоките одделенија. Први септември се прослави без оглед на недостатокот од учебници за учење.
Од утре секаде ќе се поделат помошните материјали за учење, додека пак, во институциите од ресорот образование продолжува трката со време да се обезбедат учебници до крајот на првото тримесечје. За Министерот Шаќири, тоа што јавноста побара учебниците да бидат печатени, а не во електронска форма како што се планираше со реформа на образованието – е една од главните причини зошто се одолговлекува процесот на печатење на учебниците.
За прво, второ, четврто и петто одделение, знаеме дека целата јавност бараше да се вратат печатените учебници. Националниот совет за учебници е формиран во месец февруари. Тие имаат направено повик за анонимни автори за учебниците. Некои од учебниците од Националниот совет веќе се одобрени и завршени се постапките. Потоа имаме постапка за економскиот оператор, вели Министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
За овогодинешното доцнење на свидетелствата, министерот повтори дека адресата за прашања е Бирото за развој на образованието, а не МОН. Одговорност е побарана, тврди тој и додаде дека догодина свидетелствата не смеат да доцнат туку треба да бидат доставени навреме.
Петар Догов
