Русија го блокираше усвојувањето на заедничката декларација на конференцијата на Обединетите Нации за неширење на нуклеарното оружје.
Овој договор, кој на секои 5 години одново го анализираат сите 191 земја потписник, се стреми да го спречи ширењето на нуклеарниот арсенал.
Русија изрази незадоволство затоа што во предложениот текст на декларацијата се изразуваше „сериозна загриженост“ заради воените активности околу нуклеарните централи во Украина, особено во Запорожје, која беше заземена од руските сили уште на почетокот на војната во март.
Рускиот претставник оцени дека предлог текстот немал избалансиран пристап и бил очигледно напишан со политички цели, додавајќи дека и други земји не биле согласни со ваквите карактеристики на декларацијата.
„Нашата делегација е подготвена да работи конструктивно. Ако постои таква желба ние сме подготвени да седиме тука уште подолго и да се обидеме, без оглед на се, да најдеме некакво заедничко тло. Но, ако нема таква желба, тогаш едноставно треба да кажеме дека не постои консензус и дека делегации а не една делегации, туку повеќе делегации не можат да го прифатат предлог текстот кој беше презентиран. Таа ние ја гледаме ситуацијата. За жалм нема консензус за овој документ“ – тврди Игор Вишневетски, заменик директор на рускиот оддел за неширење на нуклеарното оружје .
Американскиот претставник забележа дека во текстот на предлог декларацијата на ниту едно место не се именувала конкретно Русија, оценувајќи дека главната причина за ветото на официјална Москва е желбата , како што рече, да се избрише Украина од мапата.
„Колеги, Русија е причината заради која денеска нема консензус. Промените во последна минута кои Русија ги побара не се од мала природа. Тие беа со цел да ја заштитат очигледната руска намера да ја избришат Украина од мапата. Затоа, да бидеме јасни, Русија е таа која ги поткопува сите три столбови на договорот преку своите постапки во Украина. Русија е таа која изврши инвазија на суверена земја, прекршувајќи ја повелбата на ОН и покрај руските безбедносни гаранции дадени на Украина во меморандумот од Будимпешта. Русија е таа чија војна ги загрозува Европа, Украина и сопствениот народ со можна радиолошка катастрофа“ – подвлече Адам Шајнман, специјалниот американски претставник за неширење на нуклеарното оружје .
Минатата недела, нуклеарната централа во Запорожје, кус период беше исклучена од електричната мрежа, предизвикувајќи стравувања од можна радиолошка катастрофа.
Русите тврдат дека виновни за тешката ситуација во Запорожје се украинците, кои не запираат со гранатирањето на поширокиот комплекс.
Работата на нуклеарната централа, под исклучително тешки околности ја контролира Украинскиот технички персонал. Во наредните денови, во Запорожје се очекува да пристигнат и инспектори од меѓународната агенција за атомска енергија, откако добија зелено светло и од Зеленски и од Путин.
Никола Илиевски
