Средоземното Море и целиот Медитеран стануваат се потопли. Но, додека експертите признаваат дека капењето е попријатно во топла вода, сепак во случајот со Медитеранот тоа треба да биде сфатено како сериозно предупредување.
Зад мене е островот Медес. Тука ја спроведуваме најдолгата серија тестови во Средоземното море. Во текот на последните 40 години метеоролозите водат евиденција за температурата на водата. А оваа година го соборивме рекордот на максимална температура од 27,47 целзиусови степени. Највисоката во оваа област досега. Тоа е помеѓу 4 и 5 степени повисоко од нормалната температура која би требало да ја имаме во овој период од годината, вели Хоаким Гарабу – Истражувач во Институтот за поморски науки во Барселона.
Топлотните бранови во европските земји стануваат се почеста појава, а резултатот од нив се големи шумски пожари, екстремно високи температури, и оваа година, најтешката суша изминативе пет векови во Европа. Експертите предупредуваат дека ситуацијата е исклучително сериозна, посочувајќи дека медитеранските земји се соочуваат со темпирана бомба на своите брегови. Во некои региони веќе може да се забележи масовно изумирање на морскиот свет.
Веќе ги гледаме псоледиците. Добивме информации од различни локации во Медитеранот како Мајорка и Сардинија. Веќе видовме масовни изумирања кај некои видови, вклучувајќи коралните, сунѓерестите и алгите. Тоа веќе ги погодува и аквакултурните инсталации, како фармите за школки. Тие веќе страдаат од влијанието на овој поморски топлотен бран. Или подобро кажано, топлотниот бран под, и над нивото на водата, оценува Гарбу.
Иако Медитеранот претставува само 1 процент од вкупната површина на океаните, регионот е еден од главните резервоари на морскиот биодиверзитет, во кој се вклучени помеѓу 4 и 18 проценти од вкупниот број на морските видови. Научниците бараат од владите да се воведе забрана за човечки активности на 30 проценти од Медитеранот, за да може морскиот жив свет да се регенерира. Тие предупредуваат дека доколку веднаш не бидат превземени мерки, влијанието на климатските промени врз медитеранот, можат да имаат катастрофално влијание врз целиот Европски континент.

