Серија експлозии повторно го потресоа Крим. Овојпат мета на напад беа депоа за муниција во северниот дел на полуостровот која во 2014 година беше припоен кон Руската Федерација, а според руските власти станува збор за саботажа, иако Украина не ја презеде одговорноста. Во извештајот на Руското Министерство за одбрана се вели дека пожарите кои настанале по денешните експлозии оштетиле електрана, далноводи, железнички пруги и станбени згради.
„Тие пукаат, експлозии, гранати паѓаат право во дворовите. Имаме граната во нашиот двор. Момците дојдоа да ја прегледаат, рекоа дека ќе ја деминираат. Оставивме сè, оставивме сè како што беше и заминавме“, вели Јелена Долгополова, жител на Азовское.
Зачестените инциденти на полуостровот принудија голем дел од локалното население да се евакуира, а според информациите на локалните власти две села во регионот биле целосно испразнети односно од нив биле евакуирани повеќе од 3.000 лица. Дел од жителите просведочија дека објаста целосно била обвиена со густи облаци од чад.
„Излеговме да погледнеме и видовме облаци од чад кои доаѓаат од објектот каде што се воените магацини. Таму останавме до околу 7-8 часот наутро, се експлодираше – блесоци, фрагмент, остатоци паѓаа врз нас. Потоа момците од итната помош дојдоа и рекоа дека ги евакуираат сите“, сведочи Максим Молдовски, жител на Мајское.
Надлежните за безбедност на Крим го ограничија сообраќајот и движењето во овој дел од полуостровот и не дозволуваат никому да помине дури и на локалното население поради опасност од нови експлозии на неексплодирана муниција.
Железничката комуникација, поточно, шините се веќе обновени. Благодарение на специјалистите на кримската железница, всушност, можно е да се обнови железничкиот сообраќај, но решивме да го ограничиме сообраќајот поради близината на железничката линија до местото на детонација, изјави Регионалниот шеф на Крим, Сергеј Аксјонов.
Иако официјален Киев негира било каква вмешаност во ваквите инциденти сепак западните воени аналитичари се сомневаат во искреноста на Украина, со оглед на тоа што западот ја снабдува украинската армија со модерно оружје, особено артилерија со долг дострел, како американскиот систем ХИМАРС, а рускиот претседател Владимир Путин ги обвини САД Путин дека се обидуваат да го прологнираат конфликтот во Украина.
Очигледно, со ваквите дејствија, западните глобалистички елити, покрај другото се обидуваат да го одвлечат вниманието на своите граѓани од тешките социо-економски проблеми, како намалување на животните стандарди, невработеноста, сиромаштијата, деиндустријализацијата. Својот неупех да го префрлат на други држави, на Русија, на Кина, кои имаат сопствено мислење, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Украинската армија во јуни запиочна да ги користи американските системи ХИМАРС, и според Киев до сега уништиле 50 складишта на руската армија, а започнаа да таргетираат и мостови нарушувајќи го снабдувањето на руската армија околу Херсон.
Александар Петрески
