На предлог на Египет, завојуваните Израел и палестинските милитанти од „Исламски џихад“ се согласија од вечерва да има прекин на огнот во Газа, наведуваат египетски извори, откако Израел во текот на викендот гаѓаше палестински цели, што ги натера милитантите да истрелаат ракети со долг дострел врз израелските градови.
Египетски безбедносен извор изјави дека Израел се согласил на прекинот на огнот. Тој треба да стапи на сила во 19 часот по Гринич.
Каиро сè уште го чека палестинскиот одговор.
Израелската страна го прифати прекинот на огнот, изјави египетски функционер кој сакаше да остане анонимен, но не даде прецизна временска рамка за прекин на огнот.
Прекинот на огнот беше постигнат со посредство на Каиро, првата арапска земја што потпиша мир со Израел во 1979 година.
Во меѓувреме, денеска продолжува најжестокиот конфликт меѓу „Исламскиот џихад“ и Израел по кратката војна минатата година.
Разгорувањето на конфликтот, што потсетува на увертирата на претходните војни во Газа, ги загрижи светските сили.
