Иако францускиот претседател изјави дека воопшто не жали што му помогнал на американскиот гиган Убер да се пробие на европскиот пазар, тврдејќи дека на тој начин се отвориле илјадници работни места за непривилигираните граѓани, неговите политички опоненти немаат намера да попуштат. Опозицијата, охрабрена по одличните резултати на минатомесечните парламентарни избори, бара парламентарна истрага за улогата на Макрон во пробивањето на Убер во францускиот пазар на такси превозот.
Левичарската коалиција Нупес, втората сила во францускиот парламент, го обвини Макрон дека се ставил на услуга на големите лобија, наместо на француската држава, помагајќи му на Убер да спроведе стратегија за надминување на жестокиот отпор од страна на владата и традиционалните такси превозници во Франција.
Но, Макрон тврди дека како тогашен министер за економија и финансии, само си ја вршел работата, привлекувајќи големи странски компании кои отвориле илјадници работни места во Франција, и истото повторно би го направил. Истата изјава ја повторуваат и неговите сојузници. Министерката за мали и средни претпријатија, трговија, занаетчиство и туризам, Оливија Грегоар рече дека Макрон разговарал со Убер, но и со Тесла, Нетфликс и ЕрБиЕнБи, затоа што тие компании се јадрото на модерната економија.
„Досиејата Убер“ кои минатиот викенд ги објавија британскиот „Гардијан“ и францускиот „Ле монд“, а ги пренесоа стотици други, на виделина ги извадија безмилосните бизнис тактики на компанијата за нејзиното проширување во нови земји, и како со помош на Макрон, излобирала промена на низа француски закони и правила. Незаплашени од жестоките протести на француските таксисти, и повиците на тогашниот претседател Франсоа Оланд, премиерот Бернард Казанев и повеќе министри во неговата владата, дека на Убер треба да му биде забрането да работи во Франција, како и истрагите отворени во земјата против нејзините сомнителни бизнис практики и одбегнување на плаќањето даноци, американската компанија го контактирала Макрон, но и низа други европски политичари, меѓу копи и заменичката претседателка на ЕК Нили Крус, за да и помогнат во нејзиното проширување во Европа.
Игор Трајков
