Мајката на осомничениот за убиството на поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе е членка на Унификациската црква, позната и како секта Мун, потврди денеска организацијата, за која обвинетиот рече сакал да ѝ се одмазди.
Тесуја Јамагами (41) сакал да се одмазди на една организација и решил да го убие Абе затоа што мислел дека поранешниот премиер има врска со неа, соопшти во петокот јапонската полиција.
– Мајката на осомничениот Тесуја Јамагами е членка на нашата организација и учествува на црковни настани еднаш месечно, изјави денеска на прес-конференција во Токио, Томихиро Танака, претседател на јапонскиот огранок на Унификациската црква.
Тој истакна дека неговата организација е згрозена од убиството на Абе, кој никогаш не бил нивни член или советник.
