Откако прво упаднаа во претседателската палата, и се капеа во базенот на претседателот, демонстрантите во Шри Ланка ја запалија приватната резиденција на премиерот Ранил Викремесинге.
Гневот на демонстрантите е поттикнат од најтешката економска криза во историјата на земјата, која со месеци се соочува со рестрикции на струја и горива, а недостигаат и храна и лекови, а сето тоа е надополнето со инфлација која во моментов изнесува 30 проценти.
По целодневните немири на улиците на главниот град Коломбо, оставки понудија и претседателот Готабаја Раџапакса, и премиерот Викремесинге, откако армијата претходно успеа и двајцата да ги евакуира на безбедни локации.
Причина за економската криза според владата е Ковид пандемијата, која најтешко го погоди туристичкиот сектор, главниот двигател на економијата во земјата, како и неколкуте терористички напади врз цркви во 2019 година.
Сепак, експертите имаат различно објаснување за економските проблеми на Шри ланка. Според нив, по завршувањето на граѓанската војна во 2009 година, владата наместо да го поттикнува извозот, се ориентираше на обезбедување странски производи на домашниот пазар, што доведе до 3 милијарди долари годишен дефицит помеѓу увозот и извозот.



