Вести Свет

Владата на Борис Џонсон на „стаклени нозе“ по серијата оставки

Серијата оставки во британската влада, предводени од министрите за здравство и финансии, Саџид Џавид и Руши Сунак, следени од неколкумина заменици и советници, го предизвикаа последниот потрес на британската политичка сцена, и позицијата на премиерот Борис Џонсон. Оставките Џавид и Сунак ги поднесоа само 10 минути еден по друг, и кратко откако премиерот Џонсон, во интервју на БиБиСи, јавно се изјави за именувањето на Крис Пинчер за министер за финансии, иако бил запознат со пријавите за сексуално вознемирување против него.

Да, мислам дека беше грешка и се извинувам за тоа. Мислам, во ретроспектива, тоа беше погрешно. Им се извинувам на сите кои беа лошо погодени од тоа. Сакам да бидам апсолутно јасен дека во владата нема место за никој што е предатор, или ја злоупотребува својата позиција на моќ, рече Џонсон.

Џавид и Сунак ја обвинија владата, а особено премиерот Џонсон, дека повеќе немаат интегритет да ја водат земјата. Неочекувајќи ги оставките, Џонсон до доцна синоќа ги повикуваше министрите, еден по еден, во неговиот кабинет, за да се увери дали сѐ уште ја има нивната поддршка. Според британските медиуми, за сега, најголемиот дел од најекспонираните министри, како заменикот премиер Доминик Раб, Лиз Трас, која го води Министерството за надворешни работи, и министерот за одбрана Бен Волас, остануваат зад премиерот Џонсон. Новоименуваниот министер за финансии, Надим Захави, четвриот министер изминативе 12 месеци, во своето прво обраќање во јавноста, тврдеше дека Џонсон сѐ уште е вистинскиот човек да ја води владата.

-Дали мислите дека овој премиер има интегритет?

– Да. Мислам дека..

– Тоа е се што треба да знаеме.

– Да, затоа што тој е одлучен да испорача резултати за оваа земја, изјави захави во гостувањето на Скај њуз.

Владата на Џонсон се соочи со низа афери изминативе неколку месеци, а последната со Пинчер, се заканува да биде последната капка која ќе ја прелие чашата. И како многумина од неговите претходници од редовите на конзервативците, отпорот против Џонсон, не потекнува од опозицијата, туку од неговата партија. Незадоволството незапирливо расте, што доведе до партиско гласање доверба минатиот месец, кое Џонсон успеа да го преживее. Според правилата на Ториевците, по неуспешното гласање недоверба, лидерот е заштитен од ново такво барање во следните 12 месеци, но во случајот со Џонсон, се поголем е бројот на конзервативци кои бараат промена во правилата.

Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Кир Стармер, веднаш порача дека е подготвен за предвремени избори, додека пак Либералите, ја повикаа целата влада да си поднесе оставка.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЦУК: Сува трева и грмушки горат кај Пробиштип, Куманово и Петровец

Дејан Дејан

Песков: Не е можно замрзнување на конфликтот во Украина

Дејан Дејан

Притвор од 72 часа за македонската државјанка која прегази куче во Црна Гора

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе