Вести Свет Топ вести

Слави Трифунов ја урива бугарската Влада, но губи пратеници

Откако минатата недела шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска ја депонираше својата оставка во бугарското собрание, таа денеска и лично му ја достави на премиерот Кирил Петков.

Темата „Македонија“ која ја стресе бугарската влада, го остави Петков без четворица министри од редовите на „Има таков народ“ на Слави Трифунов, но и со кусок од 12 гласа во собранието, потребни за сега трипартитната владина коалиција да остане не власт.

Но политичката криза која ја започна самиот Самиот Трифунов, по се изгледа ќе го чини и него осум пратеници.

Дел од Бугарските медиуми објавија дека министерот за спорт, Радостин Василев, кој си поднесе оставка на функцијата, ја напушта и партијата „Има таков народ“ со неколку пратеници, чија бројка се уште не е прецизна, но шпекулациите се дека можат да бидат и осум пратеници.

Конечна бројка се очекува да биде позната по состанок на Трифунов со пратеничка група од неговата партија.

Василев попладнево одржа прес-конференција заедно со пет пратеници кои го напуштаат „Има таков народ“, велејќи дека за жал мафијата влегла во партијата поради што тие решиле да ја напуштат.

Тие обвинија и дека воопшто не разговарале, ниту го виделе Трифунов, подолг период.

„Однесувањето на г-динот Трифунов како единствен сопственик на партиија во последната година доведе до самобришење на партијата, а последните негови потези водат кон тоа да се избрише и државата.  Решението на г-динот Трифунов да ги повлече своите министри од кабинетот не е коордиирано апсолутно со никој“, изјави Василев.

Трифунов веднаш по информациијата за ситнење на неговите пратенички редови се огласи на Фејсбук, обвинувајќи ги пратениците кои најавија напуштање на „Има таков народ“ дека се купени со пари и позиции. Тој притоа напиша:

„Не мора да бидам гатачка за да знам дека ќе кажат многу лаги и измислици во стилот на Кирил (Петков) и Асен (Василев), само за да ги оправдаат своите постапки и да ја смират својата грижа на совест. Но, предавството е предавство, а предавниците никој не ги сака, дури ни оние што профитираат од нив“, напиша Трифунов на фејсбук.

Од партијата на Петков пак веќе се пофалија дека ќе ги обезбедат потребните 12 пратеници за изгласување на доверба на владата и нејзино останување на власт.

„Не можеме да зборуваме за купување кога нема цена, трговскиот закон вели дека зделка без цена за стоката, е ништовен. Она што се пазариме и што се пазариме се луѓе со вистинска мотивација да ја променат Бугарија“, изјави Атанас Михнев, од Промените продолжуваат.

Сепак Михнев рече дека се уште не ги нашле потребните 12 пратеници, но оти одат во насока на обезбедување на апсолутно мнозинство.

За да продолжи со работа владата на Петков, потребни му се 121 глас во 240 членото бугарско Собрание.

Коалцијата на Петков во моментов во собранието тежи 109 пратеници. Освен од кампусот на „Има таков народ“, опциите на Петков се барање на поддршка во пратеничките редови на ГЕРБ на Бојко Борисов, но и на „Движење за права и слободи“ – партијата на Турците.

Малку е веројатно дека Петков ќе бара сојузници за спас на својата влада во редовите на партијата „Преродба“, која не само што е негова категорична опозиција, туку отворено ги става под знак прашалник придобивките на Бугарија од НАТО и ЕУ.

За новата политичка криза во земјата денеска се огласи и бугарскиот претседател, Румен Радев, кој ги повика парламентарните партии да не дозволат нивните меѓусебни противречности да ги потиснат интересите на државата.

„Очекувам и владата и пратениците додека одлучуваат за сопствената политичка иднина да не ја заборават огромната одговорност кон граѓаните и ветувањата за справување со инфлацијата, социјалната и економската криза“ – вели Радев.

Инаку доколку Петков не успее да обезбеди дополнителни 12 пратеници за да продолжи како малцинска влада, Бугарија во рок од една година ќе оди на трети вонредни избори, што пак во вакуум на изборниот период и формирањето на нова влада, повторно ќе го инаугурира шефот на државата, Румен Радев, за главна политичка фигура во Бугарија.

Тоа пак не им оди во прилог на ниту една од поголемите политичики партии во Бугарија, ниту од власта, ниту од опозицијата, што иако е помалку веројатно, може да доведе до нов коалициски договор или, она што е поверојатно, според бугарските аналитичари, развлекување на процедурите за предвремени избори, дури до есен.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео/Фото)Шумски пожари во Шпанија: Прогласена национална вонредна состојба

Kristina Kuzmanovski

Николовски во Телма интервју: Сите нови вработени кои се помлади од 40 години се вклучуваат во вториот пензиски столб

Kristina Kuzmanovski

(видео)Бура ја погоди Атина, небото се отвори, дожд и грмежи и на Халкидики, на Олимп силен град ја прекри планината во бело

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе