Вести Свет Топ вести

Алијансата на Макрон напредува во првиот круг од гласањето во францускиот парламент

По месец и половина од реизборот за претседател на Франција, Емануел Макрон е соочен неговото владеење да биде отежнато откако лево-зелената алијанса Нупес на Жан-Лук Меланшон е во тесна трка со центристичката коалиција „Заедно”.

Според првичните резултатите, владејачката коалиција на Макрон освоила 25,2 отсто од гласовите, а исто толку добила и левичарско-зелената коалиција Нупес. Повеќе од 6.000 кандидати, на возраст од 18 до 92 години, се натпреваруваат за 577 места во Националното собрание во првиот круг од изборите. Оние кои ќе добијат најмногу гласови ќе поминат во одлучувачкиот втор круг на 19-ти јуни.

„Јас сум поприлично умерен гласач, да се изразиме така. Ќе речете дека тоа е дипломатски одговор, но не ми се допаѓа сето ова фронтално спротивставување од двете страни што не носи ништо“, вели пензионерката Аник Вајлан.

„Прашањето за куповната моќ не ми е главен приоритет иако и самата немам големи средства. Јас не функционирам така. Јас сум за рамноправност, расположеност, да престане да ги дели луѓето, да има мир во оваа земја“, рече Кетрин Бургус, реставратор на уметност.

Центристите на францускиот претседател Емануел Макрон се на добар пат да останат водечка политичка сила во парламентот, но  евентуалната загуба на апсолутното мнозинство ќе го принуди Макрон на влегување во голем број компромиси, посебно кај планираната реформа на пензискиот систем каде што планира постепено зголемување на возраста за одење во пензија од 62 на 65 години, додека левичарот Меланшон вети дека ќе ја намали на 60 години.

Вистината е дека претседателската партија беше поразена на крајот од овој прв круг, за прв пат во историјата на Петтата република новоизбраниот претседател не е способен да собере мнозинство на следните парламентарни избори, изјави лидерот на Коалицијата НУПЕС, Жан-Лук Меланшон.

Партијата на крајната десничарка Марин Ле Пен освоила 19,2% гласови. Ле Пен изрази оптимизам дека ќе може да има своја пратеничка група во парламентот, за што се потребни 15 мандати. Новоименувата премиерка на Франција, Елизабет Борн повика на „недела на мобилизација“ пред вториот изборен круг, таа и другите 14 министри мора да ги задржат местата во парламентот за да останат на функциите.

„Ни претстои една недела мобилизација. Една недела за убедување. Една недела за да се добие силно и јасно мнозинство. Само ова силно и јасно мнозинство ќе ни овозможи да одговориме на итните потреби кои тежат врз секојдневниот живот на Французите и да одговориме на предизвиците на иднината“, рече премиерката на Франција, Елизабет Борн.

Комплицираниот француски изборен систем води до делумно големи разлики меѓу процентуалниот удел и распределбата на местата во парламентот, зашто, на крајот важат само гласовите за победникот во секој изборен круг.

Институтите за испитување на јавното мислење сметаат со можноста во вториот круг на изборите идната недела, коалицијата на Макрон да собере многу гласови од избирачите чии претпочитани кандидати не го поминаа првиот изборен круг. Дали повикот за мобилизација на Борн ќе наиде на одек кај Французите, е неизвесно. Во првиот круг од изборите многумина покажаа дезинтерес и излезноста достигна нов неславен рекорд од 47 проценти.

Мартин Николовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео/Фото)Шумски пожари во Шпанија: Прогласена национална вонредна состојба

Kristina Kuzmanovski

Николовски во Телма интервју: Сите нови вработени кои се помлади од 40 години се вклучуваат во вториот пензиски столб

Kristina Kuzmanovski

(видео)Бура ја погоди Атина, небото се отвори, дожд и грмежи и на Халкидики, на Олимп силен град ја прекри планината во бело

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе