Администрацијата на Бајден вчера соопшти дека ќе го зголеми бројот на летови за Куба и ќе ги отстрани ограничувањата од времето на Доналд Трамп за дознаките што мигрантите можат да ги испраќаат до луѓето на островот, објави Асошиетед прес.
Стејт департментот објави дека ќе го отстрани сегашниот квартален лимит од 1.000 американски долари за семејни дознаки и ќе дозволи не-семејни дознаки, што ќе ги поддржи кубанските независни претприемачи. Соединетите Американски Држави ќе дозволат редовни и чартер летови и до други дестинации во Куба освен Хавана.
„Преку овие акции, имаме за цел да ги поддржиме аспирациите на Кубанците за слобода и поголеми економски можности за да можат да водат успешен живот дома“, соопшти Стејт департментот.
„Продолжуваме да ја повикуваме кубанската влада веднаш да ги ослободи политичките затвореници, да ги почитува основните слободи на кубанскиот народ и да им дозволи на Кубанците сами да ја одредат својата иднина“, додаваат оттаму.
Промената во политиката доаѓа по евалуацијата, која започна непосредно по серијата широки протести на островот минатиот јули.
